Четворица млади создаваат успешна фирма: Од дома сакаме да градиме меѓународна кариера

Олга Рајчиќ, Стефан Алексиќ, Митко Орцев и Теодора Чижбаноска се четворицата млади ентузијасти, кои за себе велат дека се сонувачи што веруваат дека технологијата може да се употреби за носење промени и решавање одредени проблеми во општеството. Тие постепено го градат нивниот стартап, а нивниот прв производ е мобилната апликација Челинџер (Предизвикувач), која ќе се тестира на 15 ноември, за да потоа се лансира како апликација на сите паметни мобилни телефони. Челинџер ќе ги мери чекорите, поминатите километри со велосипед, тротинет… Идејата е да се поттикне физичката активност и да се придонесе за почист воздух, а за тоа може да се добијат бодови што ќе се користат за попусти во одредени фирми со кои веќе се склучуваат договори. Поголемите компании, пак, кои сакаат да бидат општествено одговорни, за освоените бодови ќе доделуваат подароци.

– Во моментов сите сме вработени во различни компании и на различни позиции, што воедно го прави и тимот комплетен. Нашиот тим се состои од двајца девелопери (ИТ-специјалисти), како и два члена кои се одговорни за градење партнерства, маркетинг и продажба. Дел од тимот своето образование го имаат завршено надвор од нашите граници, но сите сме сега тука и го прифативме предизвикот да придонесеме и да направиме нешто за нашето општество – вели Теодора Чижбаноска, која во името на тимот ни ја претстави  нивната работа.

Беше ли тешко да се изработи една ваква апликација?

– Челинџер е поинаква апликација, токму затоа ни зададе и дополнителен предизвик. Самиот факт дека работиме на оваа апликација веќе една година (создавање на бизнис-моделот и барање соодветни технологии) покажува дека не постои лесен начин. Ние сме сè уште во изработка на апликацијата, која планираме да ја лансираме крајот на годинава, а веќе во февруари 2020 да биде достапна за сите оперативни системи на паметните телефони. Накратко, нашата цел е да направиме регионален импакт преку наградување на луѓето што пешачат или се движат со својот велосипед по локалните улици.

Колку младите луѓе како вас имаат можност во Македонија да пласираат свои креативни решенија?

– Живееме во време каде што секој млад човек има можност да создаде и да пласира креативно решение на пазарот. Многу е полесно кога ќе се здружат млади и креативни луѓе што имаат пасија за носење промени, тогаш процесот е полесен. Се разбира постојат препреки, но ние сметаме дека сега, како никогаш досега, луѓето полесно прифаќаат нови и интересни алатки. Сведоци сме дека во нашето општество постојат млади луѓе што веќе имаат иновативни и креативни решенија што се присутни на нашиот пазар какви што се МојВоздух, FitKit и TreeBanks.

Митко Орцев, Стефан Алексиќ, Теодора Чижбаноска и Олга Рајчиќ

Сте соработувале ли со Фондот за иновации?

– Во моментов го очекуваме отворањето на новиот повик за да аплицираме и да добиеме дополнителна помош за понатамошен развој и раст на Челинџер. Се надеваме дека нашата иновативна идеја ќе добие поддршка и од Фондот за иновации, како што добивме и награда за прво место на регионалниот натпревар за зелени бизниси од Балкан грен фондешн.

Дали образованието во Македонија овозможува да се создадат квалитетни ИТ-специјалисти?

– Формалното образование овозможува подлога за создавање квалитетни ИТ-специјалисти, но потребно е континуирано учење преку неформалното образование. Во нашиот тим сите постојано учиме и се надградуваме, со цел да сме во тек со најновите трендови и технологии. Токму затоа сметаме дека формалното образование е добра основа, но за секоја професија е потребно континуирано учење, вмрежување и собирање, разменување искуства со квалитетни ИТ-специјалисти што ги имаме во нашето опкружување.

Ќе останете ли во земјава или очекувате кариера надвор од границите?

– Нашиот сон е да направиме успешна стартап приказна со Челинџер овде, во Македонија. Токму оваа визија нè поттикнува во моментов да ја градиме нашата кариера овде. Се разбира дека планираме апликацијата да ја прошириме и на странски пазари, а со самото проширување, ќе бидеме во можност да градиме меѓународна кариера како успешен пример од нашата држава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот