Честитка од Спасовски, Шекеринска и Димитров за Денот на НАТО (ВИДЕО)

Радмила Шекеринска / фото: Министерство за одбрана

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи Никола Димитров упатија честитки по повод 4-ти Април, денот на НАТО.

Премиерот Спасовски во својата порака истакна дека по децении сонување дојде денот кој и ние ќе го одбележиме како полноправна членка на НАТО.

„Денес, може да си честитаме заедно што ја остваривме нашата стратешка цел и ги исполнивме заложбите на сите изминати генерации. Благодарение на одлучната определба на вас, граѓаните, на заложбата на оваа влада, на решените спорови со соседите и тешките реформи кои ги спроведовме, денес сме дел од најсилниот политички и воен сојуз во историјата на човештвото. Со нас, НАТО брои 30 држави. Сојузници сме со најмоќните во светот, стоиме рамо до рамо, посветени на заедничкиот систем на колективна безбедност“, истакна премиерот Спасовски.

Вицепремиерката и министерка за одбрана Шекеринска подвлече дека изминатите години, секоја година на овој ден го подигавме знамето на НАТО како знак на нашите желби.

„Денес тоа е знак на нашиот успех – знамето на нашата земја се вее со знамињата на 29 други земји, како членка на најмоќната Алијанса. Успеавме. По 30 години говори, ветувања и надежи. На овој пат, овој успех, не бевме сами. Одевме заедно со огромно мнозинство на наши граѓани, кои не се откажаа и не потклекнаа“, вели во пораката Шекеринска.

Таа додаде дека заедно со нашите стратешки сојузници САД, Турција, Велика Британија, Германија, Италија, Норвешка, и со сите останати, како и со нашите соседи и денеска сме обединети во битката против коронавирусот.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, по повод одбележувањето на 71-от роденден на Алијансата, во упатената честитка подвлече дека Денот на НАТО, од 27-ми март годинава, е и наш ден и го славиме заедно со 29 наши сојузници.

„Во услови кога не сите прашања на Балканот се затворени, за нашата државност и за нашите граници веќе нема ниту еден прашалник! Македонски народе, драги сограѓани Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други: Да ни е честита нашата заедничка куќа, што сега е далеку побезбедна. Ослободени од ова гајле, до нас е да си ја уредиме и да си ја направиме успешна, за сите да се гордееме!“, истакна во својата порака министерот Димитров.

„Ќе нè биде!“, порача во честитката министерот Димитров честитајќи го денот на формирањето на НАТО Алијансата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот