Чешкиот министер Липавски очекува Македонија да ги донесе уставните измени

Министрите за надворешни работи на Чешка и на Македонија, Јан Липавски и Бујар Османи на денешната средба во Скопје ја истакнаа континуираната поддршка од Прага за патот на земјава кон Европската Унија, а беа потврдени и зајакнатите билатерални односи, како и економската соработка.
-Важен аспект на денешната посета е секако процесот на проширување на ЕУ и драго ми е што после првата меѓувладина конференција започнаа преговорите за пристапување на Северна Македонија во јули минатата година под наше претседавање со ЕУ. Се надевам земјата ќе продолжи со реформите и ќе ги донесе уставните измени. Го уверив мојот колега дека може да смета на континуирана чешка поддршка на патот кон ЕУ, рече Липавски на заедничката прес-конференција со Османи.
Тој нагласи дека Северна Македонија е пријател и НАТО сојузник на Чешка и оти се усогласува со заедничката надворешна и безбедносна политика, како што се цени и се забележува во сите извештаи.
– Очекуваме Северна Македонија да стане дел од ЕУ, а во меѓувреме и натаму ќе нудиме наша помош и соработка на тој пат. Пристапувањето кон ЕУ мора да биде врз база на заслуги, а билатералните спорови не треба да бидат причина за вето на зачленувањето на земјата во ЕУ. Јас сум тука да покажам и укажам дека може преку дијалог да се решат овие прашања и сигурен сум дека Бујар прави сѐ што може, истакна Липавски.
Османи по средбата кажа дека тој и неговиот чешки колега разговарале за билатералните односи што забележуваат нагорен тренд, надминувајќи 250 милиони евра трговска размена во 2022 година.
– Го информирав министерот за нашиот економски советник што е задолжен за земјите на Вишеградската група и очекувам да ги зајакнеме економските односи меѓу двете земји, не само од аспект на трговската размена туку и преку искористување на можните чешки директни инвестиции, рече Османи.
Тој, во својство на претседавач на ОБСЕ, на средбата ја отворил и темата за сериозното нарушување на европската безбедносна архитектура потикната од воената агресија на Русија врз Украина.
– Го претставив нашиот највисок приоритет како претседавач, а тоа е да запре натамошното човечко страдање, да ја ставиме во функција организацијата со теренските мисии за да ги ублажиме последиците од војната, но и да спречиме нови кризи и да обезбедиме поддршка за ранливите региони, следејќи го слоганот на нашето претседавање, а тој гласи „за луѓето се работи“, нагласи Османи.
Осврнувајќи се на билатералниот скриниг, тој на прес-конференцијата посочи дека според прелиминарните информации, земјата и институциите покажуваат високо ниво на подготвеност за спроведување на тој процес, што, како што истакна, се должи на силната политичка волја во Северна Македонија, се разбира и долгогодишното искуство коешто имаме.
Во однос на последните случувања со Бугарија, односно создадените тензии меѓу двете земји, Османи порача да се прекине тој циклус на на влошени односи и да се вратиме на позитивната агенда со цел продолжување таму каде што застанавме.