Чешка и Словачка го демантираат ВМРО-ДПМНЕ

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

По изјавата на Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ, дека партијата работела со државите од Вишеградската група за да се спречи условот историја да влезе во заклучоците на ЕУ, денеска доаѓа демант од Чешка и Словачка, пишува Дојче Веле.

-ВМРО-ДПМНЕ работеше со четирите држави од Вишеград 4 за да спречат условот историја да влезе во заклучоците на Европската унија“, изјави Александар Николоски во емисијата „Стадион“ на Канал 77, коментирајќи ја блокадата од страна на Чешка и Словачка за заклучоците за проширувањето на ЕУ. Според него, Вишеградската група е голем поддржувач на проширувањето на ЕУ, но и „голем поддржувач на Македонија, а ВМРО-ДПМНЕ таму има големи пријатели, почнувајќи од премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, преку премиерот на Полска, Моравјецки, продолжувајќи со премиерите на Чешка и Словачка“.

Ваквите изјави на Николоски доаѓаат неколку дена по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој коментирајќи ја блокадата, рече дека „ништо не е случајно, така и овие држави не случајно застанаа“.

-За жал, одредени ентитети од Северна Македонија почнаа да шират неточни информации дека влијаеле на донесувањето на одлуките на Прага и Братислава поврзани со процесите во самата ЕУ“, реагираат денеска чешките и словачките дипломати во Скопје

Од Чешка и Словачка денеска доаѓа демант на ваквите тврдења. Не спомнувајќи го ВМРО-ДПМНЕ поименично, словачкиот амбасадор во Скопје, Хенрик Маркуш и заменик амбасадорот на Чешка, Љубомир Пшенка, во заедничка изјава велат дека не постои ентитет од Северна Македонија што влијаел на одлуките на двете земји да ги блокираат предлог-заклучоците на ЕУ за проширувањето.

-За жал, одредени ентитети од Северна Македонија почнаа да шират неточни информации дека влијаеле на донесувањето на одлуките на Прага и Братиславаповрзани со процесите во рамките на ЕУ. Ниту чешката ниту словачката дипломатија не се свесни за постоење лоби-напори од некои ентитети кои можеле да влијаат на процесот на донесување одлуки во Прага и во Братислава. Ако постоеле такви напори, таквите активности не стигнале до релевантните актери, односно до лицата што носат одлуки во Чешка и во Словачка. Одлуките на министрите Петричек и Корчок беа донесени без какво било влијание од ентитет од Северна Македонија“, се вели во изјавата на словачкиот амбасадор и чешкиот заменик амбасадор.

Извор: Дојче Веле

[sc name=”dw” ]

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот