Чешка го укина данокот за струја, Македонија го чека јагленот

РЕК Битола
РЕК Битола/Фото: МИА

Чешката влада привремено го укина данокот на додадена вредност (ДДВ) за електрична енергија и гас поради големиот пораст на цените на енергијата. Чешкото Министерство за финансии соопшти дека ДДВ што изнесува 21 отсто, нема да се наплатува во ноември и декември. Одлуката мора да биде одобрена од Европската комисија.

Ова вест одекна во медиумите откако енергенсите сè повеќе поскапуваат на берзите. Претходно Хрватска објави дека ја замрзнува цената на бензините на одреден период.

Кај нас засега нема реакции ниту за енергијата ниту за бензините. Од вчера поскапеа бензините и дизелот за 1 денар, а цената на струјата на слободниот пазар што ја купуваат компаниите, во некои денови на берзата е поскапа и 3 пати во однос на лани, поради што фирмите имаа корекции од снабдувачите. Така, малите компании кои најчесто се снабдуваат со струја од ЕВН, добија допис според кој цената се менува за периодот од 1 октомври 2021 заклучно со 30.6.2022 години, и дека ако не се согласуваат со новиот ценовник, може да го променат снабдувачот.

За спас на ценовниот удар за компаниите, кои потоа мора да ја вградат цената на струјата во крајниот производ што го плаќаат потрошувачите, Владата засега не се изјасни, освен со ветувања дека ако треба да реагира,  тоа и ќе го направи.

– Будно ја следиме ситуацијата во делот на глобалниот синџир на снабдување, посебно со прехранбените производи. Тоа го покажавме и во време на пандемија. Секако има механизми, посебно ако се повикаме на Законот за трговија каде што за основните производи може да донесеме одлуки во делот на замрзнување на одредени цени, било тоа да се цени на прехранбените производи, или суровини што се увезуваат или се продаваат директно во голема и мала продажба – рече пред две недели министерот за економија Крешник Бектеши.

Во однос на цената на струјата за домаќинствата, од ЕСМ најавија дека ќе се зголеми производството во РЕК Битола и во РЕК Осломеј и дека оваа компанија ќе ги снабдува домаќинствата преку универзалниот снабдувач ЕВН хоум, со струја многу поевтина од берзанската. Притоа, снабдувањето со домашна струја за домаќинствата ќе продолжи да биде 100 проценти и покрај законската обврска која за годинава е 70 проценти. Сегашната цена на струјата од ЕСМ е 36 евра за мегават, додека на слободниот пазар деновиве се движи над 120 евра, а имаше денови и кога се доближи до 200 евра за мегават.

Утре, пак, треба да се отвори тендерот за набавка на јаглен. Неофицијално, има понуди од Србија, Косово, Грција и од домашни компании. Набавката на јаглен е клучна за домашното производство на струја. За справување со енергетската криза, државата одлучи да купи над 1 милион тони јаглен за да го активира третиот блок во РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј.

Цената на струјата за домаќинствата од 1 јули се зголеми за 12,36 проценти, а Владата за да го намали ценовниот шок од 15 јули го намали данокот на додадена вредност за електрична енергија од 18 на 5 проценти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот