„Чернобил“ – серијата која треба да биде лекција за идните генерации

Серија за атомите поради која ќе се запрашате како е возможно сѐ уште да сте живи, стои во описот на најновата мини серија на ХБО – „Чернобил“, која уште по третата епизода од прикажувањето, од вкупно петте, ги урна сите рекорди на гледаност, оставајќи ја така зад себе мегапопуларната „Игра на Тронови“, но и „Брејкинг Бед“, сериите кои досега го носеа епитетот најгледани во светот.

Ова не е само еден реалистичен и драматичен приказ на најголемата нуклеарна катастрофа која светот ја памети, а се случи на 26 април 1986 година, туку е и еден вистински хронолошки приказ за тоа како функционирал Советскиот сојуз во тоа време, со сите негови маани и лаги кои циркулирале како еден добро воигран ланец, само за никој да не застане и храбро да преземе одговорност.

Храброста никогаш не е залудна

Серијата главно се фокусира на тоа колку многу луѓе ги загубиле животите од радијацијата, пред сѐ поради префрлувањето на одговорноста помеѓу политичарите и нивното одбегнување да се соочат со реалниот проблем, одложувајќи ја прекупотребната евакуација на Чернобил и Припјат. Но, во оваа серија прикажани се и луѓе чија храброст во целата оваа приказна не била залудна.

Таа храброст ја гледаме во обичните луѓе, рударите, пожарникарите, научниците, сите тие неиспеани херои на кои на еден начин им ги должиме животите, а кои, без да трепнат, го направиле она што било потребно, го жртвувале својот живот, само за последиците од нуклеарната катастрофа да бидат што е можно помали.

Во серијата главната улога ја носи Валери Легасов, научникот кој во морето од лаги до крај се бори за вистината, тој е единствениот, поточно еден од ретките, кои јавно ќе му се спротивстават на системот и ќе кажат што мислат. Токму Легасов е повикан да го истражува случајот за нуклеарната несреќа која предизвикува радијација од невидени размери, поради што Чернобил и околниот град Припјат и ден денес се градови на духовите.

Екранизацијата на чернобилската нуклеарна катастрофа почнува токму преку Валери Легасов и неговиот самоубиствен чин, кога на 51 година си го одзема животот, веќе заболен од рак, кој го добива од радијацијата.

Заменикот на тогашниот претседател на СССР, Михаил Горбачов, Борис Шчербина, е политичарот кој во текот на целата оваа акција е со него, тие ја испитуваат причината за експлозијата, за на крај да дојдат и до сржта на проблематиката и да ја откријат вистинската вина, која е фрапантна, а всушност не е само грешка на операторите кои во тој момент биле на смена во електраната.

Преку толку реални, а истовремено и тешки сцени за гледање, оваа серија ќе ве натера после секоја изгледана епизода да гуглате и да ги барате деталите од трагедијата, да се уверите дали навистина сето она што го гледате е така.

Англиската продукција ХБО овојпат ни претставува една вистинска приказна, во која детално е опишана вечерта како доаѓа до експлозијата на реакторот, а воедно и целата борба на научниците и обичните луѓе, кои како „био-роботи“ во една масовна евакуација, која опфаќа над 600.000 луѓе, свесно одат во Чернобил и прават сѐ што треба само за последиците да бидат што е можно помали.

Рударите копаат тунел и не прашуваат зошто, знаејќи дека на тој начин ќе ги спасат идните генерации, жртвувајќи ги своите животи за да спасат некои други.

Недостатоците на системот

И додека послушноста во тогашното политичко уредување на СССР од страна на граѓаните е во прв ред, доаѓаме и до клучната точка – каква жртва поднесуваат политичарите? Сите тие „угледни“ луѓе, кои во тоа време управуваат со државата, уште од самиот почеток експлозијата ја сфаќаат толку ладнокрвно, што дури на моменти, посебно во првата и втората епизода, е дури и одвратно за гледање. Одговорноста си ја префрлуваат од еден на друг, никој не сака ниту пак не се ни обидува да сфати за каква експлозија и каква радијација навистина станува збор. Едноставно на сите им е само важно светот да не дознае за катастрофата и таа да се сокрие „под тепих“.

Борис Шчербина е всушност единствениот политичар, кој иакo во првата епизода го гледаме како командува и како оди по палката на тогашниот систем во СССР, всушност го менува ставот и застанува од страна на Легасов и неговиот тим на научници, кои му ги отвараат очите. На крај, на самото судење, Шчербина ќе му дозволи на Легасов пред судот да ја каже целата вистина.

Тука е главната поента и поука која мора да се извлече од оваа серија, а тоа е дека прекривањето на вистината никому не му носи ништо добро, бидејќи како што вели и самиот Легасов на крајот од последната епизода: „Вистината секогаш е тука, без разлика дали ние тоа сакаме да е така или не, прашање на време е само кога ќе исплива на површината“.

Покрај Легасов, преку улогата на актерката Емили Вотсон ни е прикажан и ликот на Улјана Комјук, исто така начуник, која многу помага во разоткривањето на целата мистерија за Чернобил. Сепак, на крајот од серијата се дознава дека нејзиниот лик е измислен со цел да се претстави групата од десетмина научници кои биле дел од тимот кој го предводел Легасов во решавањето на целиот случај.

Серија која светот будно ја исчекуваше

Серијата „Чернобил“ е како книга која не можете да престанете да ја читате, па така ако уште не сте ја гледале, најдобро е да си одделите околу 6 часа и наеднаш да ја изгледате цела, бидејќи после првата епизода едноставно ќе станете „навлечени“. Ќе ве навлечат сите тие факти и за жал трагични настани, кои сепак ќе разбудат длабоки емоции во вас и ќе ве натераат да размислите за многу работи.

И покрај тоа што е тешка за гледање, сепак „Чернобил“ е серија која мораше да му се случи на човештвото и која светот будно ја исчекуваше. Без разлика дали од руска, американска или англиска продукција, излегувањето на серијата за несреќата во Чернобил беше неопходен фактор, со цел, и покрај веќе причинетата штета која уште стотици години нема да се поправи, да се разбуди свеста на сегашните, но и на идните генерации, за никогаш повеќе да не се случи катастрофа ниту приближно блиска до чернобилската.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот