Чепреганов за СП: Нека кажат Бугарите што е фалсификувано и нека покажат оригинали

Историчарот Тодор Чепреганов го отфрла тврдењето на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски дека македонската историографија крие факти, како и неговите тези.

– Во многу документи, книги и монографии што ги издала македонската историска наука е наведено тоа што го зборува тој и не се крие дека револуционерите биле учители на бугарската егзархија. А што и можеле друго да бидат во тоа време кога постоеле само бугарски, српски и грчки училишта во кои учело македонското население. Но, одењето во одредена црква или училиште не е национална припадност. Георгиевски испушта да каже дека меѓу револуционерите имало борби и спротиставени мислења за тоа дали во Македонија треба да има бугарски или македонски училишта на кои ќе се учи на македонски јазик. Шапкарев велел дека македонските деца не го разбираат бугарскиот јази. Георгиевски во своите погледи и толкувања на минатото се фаќа за оние делови каде доминира бугарското, јас како македонски историчар се фаќам за делот каде доминира македонското. Бугарската, српската и грчката пропаганда од тоа време го разорија македонското национално ткиво и последиците се чувствуваат до денес – вели Чепреганов.

Тој како пример наведува дека кога бугарскиот политичар Васил Канчов дошол во Солун на прашањето зошто е тука одговорил „За да ги побугарчам Македонците“. Чепреганов прашува што е Михајло Апостолски по националност, роден 1906 година, кој учел прво во бугарската егзархија, а завршил воена школа во Белград, па се вратил во Македонија и се приклучил на македонското народноослободително движење.

– Што е Апостолски? Бугаросрпски Македонец? – вели Чепреганов.

Според него, голема лага е тврдењето дека после Втората светска војна имало масовен прогон на македонските Бугари.

– Имало прогон, да, и тоа треба да се документира. Треба да се седне со бугарските историчари и да се дискутира на научно ниво, но за тоа не треба да се формира никаква специјална комисија. Имало прогон, имало екстремни случаи и сето тоа треба да се расчисти, но никаде нема докази дека се убиени 30.000 и дека се протерани 100.000 луѓе заради нивната бугарска самосвест. Македонија во тоа време имала 900.000 жители, ако се толку убиени и протерани, тоа е 15 отсто од населението, од секое семејство по еден, што не е точно. Нека кажат бугарските историчари што е фалсификувано. На светки научни собири, нека извадат конкретни документи и нека кажат, еве ова вие го фалсификувате, еве го оригиналот – вели Чепреганов.

Викендов, независно од македонската влада и МНР, Георгиевски изнесе пет предлози меѓу кои нова специјална комисија да го расветли наводниот прогон на 130.000 и убиства на 30.000 македонски граѓани со бугарска свест, да се признае дека целата македонска преродаба се обидувала да создаде заеднички јазик со бугарскиот, дека Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Даме Груев биле учители на бугарската егзархија, без многу детали да се објави кои личности и датуми ќе се слават заеднички итн.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот