Челси ја одложи шампионската промоција на Сити
Манчестер сити имаше можност на домашен терен да го потврди освојувањето на шампионската титула во Премиер лигата, но предизвикот наречен Челси беше преголем залак.
Натпреварот на „Етихад“ стадионот на кој веќе се наоѓаше шампионскиот пехар, заврши со триумф на Челси од 2:1. Ова е втора победа на Томас Тухел над Пеп Гвардиола откако седна на клупата на Челси. Првиот натпревар беше во полуфиналето на ФА Купот (1:0), а третата нивна меѓусебна средба е најважна, на 29. мај, Челси и Манчестер сити ќе играат во финалето на Лигата на шампионите.
Се до крајот на првото полувреме немаше премногу возбудувања, единствено поништениот гол на Тимо Вернер поради офсајд. Потоа во последните моменти од полувремето, Рахим Стерлинг му носи водство на Сити, а една минута подоцна Серхио Агуеро имаше шанса од пенал да ја реши сезоната. Но, Аргентинецот се посрами во обидот со паненка да го совлада Менди.
Во второто полувреме стигна казната, прво Хаким Зијех во 63. минута израмни на 1:1.Потоа на Челси му беа поништени два гола поради офајд за само една минута, првиот на Вернер, а вториот на Рис Џејмс, но наградата за добрата игра дојде во судиското продолжение кога Маркос Алонсо го совлада Едерсон и му донесе три бода на Челси со кои речиси си го обезбеди местото меѓу најдобрите четири на табелата.