Челси џабе фрли 250 милиони евра на засилувања, ремизира со Саутемптон
„Сините“ од Лондон повторно ги разочаа своите навивачи играјќи само 3:3 на домашен терен против Саутемптон. Овој резултат е разочарувачки за Челси кој летово фрли околу 250 милиони евра на засилувања.
Но, почетокот на натпреварот не навестуваше ваков исход поради одличната игра на Тимо Вернер. Германскиот репрезентативец конечно го разби малерот, и постигна два гола во 15. и 28. минута за водство од 2:0 на неговиот тим.
Кон крајот на полувремето, Саутемптон преку Дени Ингс намали на 2:1, а во 57. минута дојде и до израмнување благодарение на Адамс.
Две минути подоцна, вториот Германец кој летово пристигна на „Стемфорд бриџ“, Каи Хаверц носи ново водство, но кога изгледаше дека Челси ќе слави, за изненадување се погрижи Вестергард во судиското продолжение.
По ремито со идентичен резултат 3:3 како и во претходното коло кога играше против ВБА, Челси е шести на табелата со осум бода, додека Саутемптон има бод помалку.