Чекајќи ја Франција! Пак?
Да сме биле мудри, па да сме ги имале сите околности предвид, веројатно не ќе моравме да чекаме. На Франција или на кого било.
Повторно чекаме! И по којзнае кој пат ја чекаме Франција. Таа ќе претседава во ЕУ и надежите се свртени кон неа во поглед на конечното одредување на датата за почнувањето на преговорите за наше асоцирање кон ЕУ. Повнимателните набљудувачи ќе се присетат дека ова чекање на Франција трае безмалку од почетокот на комплицираните досегашни порази на патот кон Европа. Франција, ако се сеќавате, неколкупати нè закочи или беше причина за нашиот застој во европските асоцирања. Што од принципиелни, што од некои други внатреевропски, лидерски и методолошки причини, но моќната земја за нас ставаше брани кои ние и покрај сè не успевавме да ги премавнеме.
А, не мораше да биде така. Нашата дипломатија не сфати никогаш дека светската политика зависи од сплет на околности. Големите сили што ги создаваат и ги штитат своите политики низ светот, се раководат од многу услови, но најважниот им е – интересот на нивната земја, политиката, економијата, политичката суета, а на крајот можеби и некои симпатии и наклоности. Но, главно станува збор за чиста политичка прагматика.
Франција во Македонија била присутна низ историјата. Нашите контакти со модерниот свет биле преку тогаш водечкиот светски јазик – францускиот. Па, така, во Македонија, во седумдесеттите години на 20 век, сè уште преку седумдесет отсто од оние што учеа странски јазици го учеа францускиот. Една од ретките директни странски инвестиции во времето на СФРЈ беше француската фабрика во ОХИС, на пример. Тука постојано имало француски конзулат… Добро, тоа е историја!
Но, и во поново време, во времето на осамостојувањето Франција како значајна земја инвеститор се обидуваше да влезе во Македонија. Сите тие нивни напори завршија неславно: од сериозната понуда и студија за развој на сливот на реката Вардар со хидроцентрали и други чуда, гасификацијата на Скопје, до градежни инвестиции од значаен обем. Дали поради недоветноста (!?) на Французите или поради ендемската корумпираност на нашите политичари – од тие желби не бидна ништо.
Еден сериозен обид на Французите доаѓа некаде во 1995-96 година кога на власт доаѓа Жак Ширак. Тој започнува една дискретна иницијатива, план според кој четирите франкофонски (!?) земји од Балканот: Албанија, Македонија, Бугарија и Романија, под закрила на Ширак и на Франција да се туркаат во ЕУ. Луан Старова, наш амбасадор во тоа време во Париз, доаѓа со иницијативата во Скопје. Киро Глигоров, тогаш веќе по атентатот, министер за надворешни е Фрчкоски, премиер Црвенковски, запознаени со иницијативата решаваат да ја – одбијат! Причина: наш стратешки партнер се САД! (Да не се навредат, што ли?)
Само едно прашање: каде се сега Бугарија и Романија, а забележавте ли дека Албанија нè стигна, со голема можност и да нè прешиша?
Во 1999 година за советник на македонската влада доаѓа Анте Марковиќ. Водевме некој муабет за интервју, но разговаравме и за тоа што треба да прави Македонија во контекстот на европските тенденции. Тој сметаше дека треба да се врземе за некоја од значајните европски земји, што не значи откажување од стратешкото партнерство со САД. Како што Хрватска се поврза со Германија, така ми рече, Македонија може да се врзе, на пример, со Франција, а Франција е, на пример, политички многу влијателна во Грција, со која, нели, имавме проблем…
И сега? Се поставува прашањето за тоа каде сме ние? Не само што не направивме значајни поместувања напред, туку сериозно сме назадувале во овие години и децении на вербални напори, замајувања и многу, многу незнаење. (И, ако сте забележале, француски инвестиции во Македонија нема, врските се одвај видливи, а ние сè уште сме во исчекување за тоа што ќе реши Франција.)
Не говорам во стилот што-би-било-кога-би-било, туку едноставно да сме биле мудри, па да сме ги имале сите околности предвид, веројатно не ќе моравме да чекаме. На Франција или на кого било.