Чеферин: Работниците во фабриките треба да се жалат, а не Клоп и Гвардиола

фото: EPA-EFE/Richard Juilliart

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин им одговори на тренерите Јирген Клоп и Пеп Гвардиола кои се пожалија на преголемиот број на натпревари во сезоната. Тој накратко ги објасни системите за натпреварување, а коментираше и некои од причините поради кои пропадна идејата за формирање на Суперлигата.

Во интервјуто за италијанската „Гаѕета дело спорт“, Чеферин истакна дека треба да се жалат работниците во фабриките кои работат за плата од 1.000 евра, а не и менаџерите на Ливерпул и Манчестер сити.

– Клубовите побараа 10 натпревари во Лигата на шампионите, ќе има осум, тоа е правиот број. Лигите со 18 екипи би биле покорисни, но претседателите на клубовите не се согласуваат. Треба да разберете дека два национални купа се премногу. Клоп и Гвардиола се бунат? Лесно е секогаш да се напаѓаат ФИФА и УЕФА, но ситуацијата е јасна. Доколку играш помалку, платите се намалуваат. Доколку некој треба да се жали, тоа се работниците во фабриките кои заработуваат илјада евра месечно – рече Чеферин.

Првиот човек на УЕФА се осврна и на пропаднатиот проект на Суперлигата и врската со претседателот на Јувентус, Андре Ањели. Односите меѓу двајцата се заладија кога Ањели, заедно со претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, се обидоа да формираат клупска суперлига која ќе биде независна од УЕФА.

– Немам никаков однос со Ањели. Се сретнав со Перез во Париз и го испочитував протоколот, му честитав за освојувањето на Лигата на шампионите. Не можам да очекувам УЕФА да биде моја сопственост. УЕФА не е монопол и секој е слободен да одлучи дали ќе биде во него. Можат да учествуваат во нашите купови или да организираат свои, но тогаш е логично да не играат во нашите, нели? Каква и да е одлуката, ништо не се менува. Проектот е мртов затоа што никој не сака да учествува. Гледам само тројца луѓе кои се лути на сè, но сега сè е готово – вели Чеферин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот