Чеферин најави „војна“ против ФИФА и нејзините идеи: УЕФА и КОНМЕБОЛ ќе го бојкотираат Светското првенство
Репрезентациите од Европа и од Јужна Америка би можеле да бојкотираат Светското првенство доколку ФИФА одлучи тоа да се игра на секои две години, најави претседателот на Европската фудбалска федерација, Александар Чеферин.
– Мундијалот на секои две години ќе го убие фудбалот – изјави Чеферин за „Тајмс“, а потоа упати критики и за челниците на ФИФА кои ги изразија своите намери без претходно да се консултираат со УЕФА.
На прашањето како УЕФА би се спротивставила на идејата на ФИФА за Светското првенство да се игра на секои две години, Чеферин даде одговор кој би можел да ја загрижи Светската фудбалска федерација.
– Можеби ќе одлучиме да не учествуваме.
Слично мислење како УЕФА имаат и челниците на КОНМЕБОЛ, фудбалската федерација на Јужна Америка.
Засега ФИФА прави студија и анализа за евентуалниот нов формат на Мундијалите по предлогот на фудбалската федерација на Саудиска Арабија. Веднаш во Чеферин се огласи и Унијата на Европски фудбалски федерации која исто така е против менување на форматот на Светското првенство.
„Фудбалските федерации во Европа се противат на таквите планови кои ќе им нанесат огромна штета на домашните првенства кои се темелот, базата на фудбалската индустрија. Нови натпреварувања, обновени или проширени на клупски и репрезентативен план не се решение за актуелните проблеми во фудбалот“, соопшти и Унијата на Европски фудбалски федерации.