Чадиковски: Новинарите не смеат да бидат напаѓани поради вршење на нивната професија

Професионалните новинари не треба и не смеат да бидат напаѓани поради вршење на нивната професија, нападите и заканите треба итно да се процесуираат, да се прошири надлежноста на Обвинителството да постапува по службена должност по кривични дела поврзани со напади на новинари и да се зголемат казните кон напаѓачите, се пораките кои ги упати претседателот на Здружението на новинари Младен Чадиковски, на денешната прес-конференција одржана по повод Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите.

Тој нагласи дека напад врз новинар е напад на демократијата и слободниот говор. Тоа, како што рече, е недозволиво за земја која претендира наскоро да го почне преговорите за влез во Европската Унија.

Претседателот на ЗНМ нагласи дека оваа година споредено со минатите, новинарите често се соочуваат со вербални и физички напади само поради вршење на своите професионални обврски, додека насилниците остануваат неказнети. Важно е, како што посочи Чадиковски, да се истакне дека неказнивоста неминовно води кон самоцензура, го ограничува просторот за слободни медиуми и ја лишува јавноста од правото да биде информирана.

– Според статистиката на ЗНМ, од почетокот на оваа година бележиме вкупно 14 напади и груби закани кон новинари од кои повеќе од половината се кон новинарки. Споредбено, минатата година вакви инциденти имаше четири што значи дека оваа година нападите и заканите се три пати повеќе. Иако физичките напади се намалени, сепак, загрижува фактот дека се повеќе закани по животот кон новинарите се забележуваат на социјалните мрежи. Во оваа насока, дополнителни напори треба да вложи и Министерството за внатрешни работи со санкционирање на сторителите, а за посериозните случаи да бара од ОЈО да покренува кривични постапки, истакна Чадиковски.

Претседалот на ЗНМ посочи дека новинарите и медиумските работници играат клучна улога како чувари на јавниот интерес, а новинарската професија е важен дел на секое демократско општество.

– Првата порака ја упатуваме до јавноста и до политичките партии дека професионалните новинари не треба и не смеат да бидат напаѓани поради вршење на нивната професија. Втората порака ја упатуваме до Основното јавно обвинителство – нападите и заканите врз новинарите треба итно да се процесуираат. На овој начин ќе се придонесе кон заштита на демократијата во земјава. Бараме во следниот период Министерството за правда да направи измени Кривичниот законик. Со измените треба да се прошири надлежноста на обвинителството да постапува по службена должност по кривични дела поврзани со напади на новинари и да се зголемат казните кон напаѓачите. Во исто време од ОЈО бараме да формира посебно одделение кое ќе ги гони напаѓачите на новинарите, потенцира Чадиковски.

Тој посочи дека креирањето на безбедни услови за работа на новинарите и медиумските работници е редовно нотирано во извештаите на Европската комисија за Република Северна Македонија.

– Затоа Владата треба посериозно да го земе ова прашање предвид и да ги поттикне засегнатите институции не само да ги решат случаите на нападни новинари туку и да спречи нови во иднина, рече Чадиковски.

Претседателот на ЗНМ истакна дека годинава во светот се убиени 22 новинари, 248 се затворени, а 64 се водат како исчезнати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот