Централниот одбор на СДСМ едногласно го поддржа процесот за отпочнување преговори со ЕУ

Фото: СДСМ

Централниот одбор на СДСМ на денешната седница едногласно донесе Одлука со која го поддржа процесот за отпочнување преговори со ЕУ
Водејќи се од државните и национални интереси, највисоките стратешки цели за членство во ЕУ како и интересите на сите граѓани, Централниот одбор на СДСМ на денешната седница едногласно донесе одлука со која го поддржа процесот за отпочнување преговори со ЕУ.

Со оваа одлука, како што се наведува во соопштението од СДСМ, Централниот одбор на партијата го поддржува процесот за отпочнување на преговорите за полноправно членство во ЕУ согласно предлог-преговарачката рамка за пристапни преговори со Унијата од последниот европски предлог од 30 Јуни 2022 година, предложен од претседателството на Франција.

„СДСМ како државотворна партија останува цврсто кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со ЕУ во ниту едни околности“, велат од партијата.

Овие определби и принципи, СДСМ очекува да бидат поддржани од сите политички субјекти во Собранието преку носење на натамошни заклучоци за европскиот предлог, согласно собраниските процедури.

„Во преговарачкиот процес, Владата, заедно со сите институции, и понатаму треба доследно да се придржуваат до Резолуцијата за македонските црвени линии усвоена од македонското Собрание. Нашата земја е пред многу важна одлука за нејзината иднина и остварување на уште една стратешка цел, отворање на преговорите со Европската унија со зачуван и обезбеден македонски јазик во ЕУ. Toa значи конечно затворање на сите идентитетски прашања“, се вели во соопштението.

Имаме предлог, додаваат од СДСМ, кој гарантира чист македонски јазик во ЕУ, историски и билатерални прашања надвор од преговарачката рамка.

„Сите политички партии треба да пристапат одговорно, државнички и рационално и заедно да ја донесеме долгоочекуваната државна одлука за продолжување на евроинтегративниот пат на земјата“, додаваат од партијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот