Централен регистар за здружението „Цар Борис III“: Во законот нема посебни одредби за спорни и негативни личности од историјата

Реакција од Централен регистар за регистрацијата на Здружението Цар Борис/ Фото: скриншот

Централен регистар на Република Северна Македонија во врска со регистрацијата на Здружението на граѓани „Цар Борис III“ нагласува дека во своето работење секогаш постапува и се води согласно постоечките закони во државата, а во Законот за здруженија и фондации не се предвидени посебни одредби (Регистар) за спорни и негативни личности од историјата.

-Централниот регистар постапува согласно важечкиот Закон за здруженија и фондации во кој е наведено дека Правото на слободно здружување се остварува преку здружување во здруженија, фондации, сојузи и организациони облици на странски организации (во натамошниот текст: организации) за остварување на нивните цели, дејности и заштита на права, интереси и уверувања во согласност со Уставот и закон.  Се забранува основање на организација ако програмата и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост презема активности поврзани со тероризам, презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и се повредуваат слободите и правата на други лица, нагласуваат од Централниот регистар.

Во членот 65 и 66 од Законот за здруженија и фондации се предвидени случаите кога се  забранува работата за организацијата.

-Согласно член 66 секој може и има право да поднесе иницијатива за забрана на организацијата пред надлежен јавен обвинител доколку дејствувањето е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, активности поврзани со тероризам, презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и се повредуваат слободите и правата на други лица, напоменуваат од Централниот регистар.

Според порталот „360 степени“ при упис на Здружението во Централниот регистар, меѓу документацијата е поднесена и писмена согласност од Симеон Сакскобурготски, син на цар Борис Трети и поранешен бугарски премиер.

На писмената согласност стои датумот 14 октомври 2021 година, а Здружението е основано на 9 ноември 2021 година. Пријавата во Централен регистар е поднесена на 16 ноември, а е одобрена на 17 ноември 2021 година.

-На изјавата и во другите документи никаде не фигурира името на Симеон Сакскобурготски, но посредно може да се дојде до заклучок дека станува збор за него, со оглед на тоа што согласноста е испечатена на меморандум на кој стои Дворец Врана, резиденција на бугарското кралско семејство, а го има и карактеристичниот потпис на поранешниот бугарски цар и премиер, наведува „360 степени“.

Според Законот за здруженија и фондации, на кој се повикува Централниот регистар Министерството за правда издава одобренија само доколку се користи зборот „Македонија“. Токму вчера од Министерството реагираа кратко дека кај нив не било поднесено барање за  добивање позитивно мислење во постапката за регистрација. Законот не содржи стриктни одредби околу името на некои Здружение, освен дека не треба да се поклопува со име на постоечка организација веќе заведена во Регистарот.

Но „за прашањата за името кои не се уредени со овој закон се применуваат одредбите од законот со кој се уредува име на фирма на трговско друштво“, стои во членот 8 од Законот за здруженија и фондации, а во Законот за трговски друштва во членот 49 стои дека може да се користи име и презиме на историска личност и тоа по две основи: ако за тоа дадат согласност нејзините сродници до трет степен по права линија, а доколку такви не постојат, согласност дава Министерството за правда.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот