Центарот за култура и културолошки студии објави научноистражувачка книга за Блаже Конески

Центарот за култура и културолошки студии (ЦККС) од Скопје ја објави новата научноистражувачка книга „Блаже Конески присутен и во македонската драматургија“ од македонскиот драмски писател, поет и научен работник Зоран Пејковски.

Во предговорот на книгата Зоран Пејковски, меѓу другото, напиша: „Оваа научноистражувачка книга се осврнува на дел од творештвото на книжевниот историчар, филолог, јазичар, поет, прозаист, есеист, и, пред сѐ, кодификатор на современиот македонски литературен јазик, големиот Блаже Конески – по повод 100-годишнината од неговото раѓање (1921-2021), кој со своите научни тенденции остави најзабележителен белег во македонската наука, посветена на македонскиот јазик, како единствен јазик кој ги изградил и осовременил сите свои атрибути и посебности, а притоа не заборавајќи на македонските просветители, светите Кирил и Методиј и нивните ученици, за кои секогаш со пиетет може да се зборува, светите Климент и Наум Охридски, кои не само што ја продолжија мисијата на своите учители, туку описменија и создадоа нови учители, испраќајќи ги да ги описменуваат оние што не знаеле писмо, преку Светиклиментовиот универзитет, еден од најстарите универзитети во Македонија, Европа и светот, во кој се описмениле и образовале повеќе од 3.500 ученици, а Блаже Конески продолжи токму таму или токму тука“.

Книгата е поделена на четири дела. Првиот дел се однесува на Блаже Конески низ театарската историографија. Во вториот дел е објавена анализа на едночинката „Гладна кокошка просо сонуе“ од Блаже Конески. Третиот дел се однесува на компарацијата меѓу Блаже Конески и Антон Павлович Чехов во драмските дела, додека во четвртиот дел има размисли на Другите за Блаже Конески како книжевник и научник.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 89, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 17-18 јули 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот