Цената на дизелот падна на нивото од пред војната во Украина

Горива бензин дизел
Илустрација: Точење гориво на бензинска станица / Фото: EPA-EFE/CONSTANTIN ZINN

Меѓународните санкции и можното намалување на увозот на руска нафта ги доведоа цените на горивата ширум светот на највисоко ниво во последните 15 години. Повеќе од 50 проценти од целата логистика во Европа се потпира на патниот товарен транспорт

По десеттина месеци, цената на дизел горивото се врати на нивото од февруари годинава. Со најновиот ценовник на РКЕ, цената на дизел горивото се намали за пет денари и ќе чини 79,50 денари за литар, колку што речиси чинеше на крајот на февруари. На 10 октомври, цената на дизелот скокна над 105 денари за литар, достигнувајќи рекордно високо ниво.

– Денешната одлука е потврда дека РКЕ работи согласно утврдена методологија која е во интерес на граѓаните. Довербата што ја градиме кон граѓаните е клучна со цел да се избегнат дезинформаци и лажни вести од т.н експерти. РКЕ секогаш кога се создаваат предуслови, веднаш носи одлуки во корист на народот – вели во изјава за МИА претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

Инаку, набавната цена на дизелот изнесува 45,680 денари за литар, а на тоа треба да се додадат надоместокот за трошоци за работење преку склад и трговска маржа кој е во износ од 4,913 денари за литар, како и надоместокот за финансирање на активностите во животната средина од 0,030 денари за литар. Тука е и надоместокот за транспортни трошоци од склад до бензински станици во износ од 0,95 денари/литар за сите нафтени деривати, вклучително и за дизелот. Голема ставка која се додава на крајната цена на дизел гориво е и акцизата во износ од 15,50 денари за литар, како и надоместокот за задолжителни резерви од 0,300 денари.

Во февруари годинава, референтните цени на дизелот на светскиот пазар за една недела се зголемиле за 1,997% или за 16,300 $/тон, а курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот тогаш изнесувал 54,5600 денари. Денес намалувањето кај цените на дизелот намалувањето е во просек за 8,110 отсто или за 74,550 $/тон. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период, во просек изнесува 58,6162 ден/$.

Меѓународните санкции и намалувањето на увозот на руска нафта ги доведоа цените на горивата ширум светот на највисоко ниво во последните 15 години. Војната во Украина, пред се ги погоди луѓето, но и економијата. Повеќе од 50 проценти од целата логистика во Европа се потпира на патниот товарен транспорт, додека во домашниот транспорт повеќе од 90 отсто од операциите се вршат по пат. Затоа, јасно е дека високата цена на горивото е огромен притисок врз малите и микро претпријатија.

Во ситуација на огромен притисок на горивата врз транспортот, повеќе држави прибегнаа кон таканаречениот комерцијален дизел како решение во кризни ситуации. Ова решение веќе се користи во различни форми во Полска, Белгија, Франција, Италија, Хрватска, Словенија и Шпанија, каде на транспортерите им се враќа данокот на гориво.

И Асоцијацијата Макам-транс во изминатиот период достави до Владата  барање за воведување на краткорочни и долгорочни мерки за превозниците со цел да се избегне секаков директен и индиректен негативен ефект, предизвикан со зголемување на цената на нафтата и нафтените деривати.

-Бараме поддршка за одредување на субвенции за превозниците со цел ублажување на драстичниот скок на цените на нафтата и обезбедување на непречено полнење на фабрички вградените резервоари на возилата. Зголемувањето на цената на превозот во услови кога секојдневно ќе се менуваат цените на енергенсите не дава можност реално да се одредуваат и надоместуваат трошоците на превозот, особено ако се договараат превози со одложено плаќање на истите. Најголем пораст во споредба со цените на другите производи има кај нафтата и нафтените деривати, а тоа значи и зголемување на цените на сите стоки кои се земаат за превоз и подгревање на инфлацијата – посочија од Макам-транс, од каде ги поучија транспортерите да направат добри калкулации на цената на превоз и да бараат авансно плаќање на превозот за да ги намалат загубите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот