Целта на ЕУ ги оправдува средствата на Бугарија?!

Граѓани во близина на ЕУ Инфо центар во Скопје
Граѓани во близина на ЕУ Инфо центар во Скопје / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Без оглед што Софија е дел од клубот во кој владее солидарност, ако големите сили во Унијата го постават проширувањето како стратешко од безбедносен или од каков било интерес, веднаш ќе беа покритични кон Бугарија.

Влијателните земји во Европската Унија велат дека сакаат сите шест држави од Западен Балкан да ги видат на големата маса во Брисел, ама откако Унијата внатрешно ќе се реформира, вклучително и откако ќе се укине принципот на едногласност. А за да се „реформира едногласноста“ во ЕУ е потребна едногласност на земјите членки. Ова е најдобрата слика за маѓепсаниот круг во Унијата во кој се обидуваат да влезат земјите од Западен Балкан.

Невнесувањето билатерални спорови во Унијата, се претвори во мантра чија крајна цел се чини одолжување на проширувањето, а „билатерализацијата“ на евроинтеграциите, како во случајот со Македонија и Србија, се покажа дека е најдолгиот пат кон ЕУ. Србија преговара десет години и цело време прашањето за Косово ѝ виси над главата. Македонија има најдолг стаж во чекалницата на ЕУ и сега на местото на Грција се најде Бугарија. Црна Гора десет години преговара, нема некој поголем проблем, ниту билатерален спор, но и таа стои закочена на европскиот пат. Сепак, Македонија е единствен случај. Со години прашањето за името беше „билатерален“ спор со Грција кој ЕУ не сакаше да го внесе во Брисел и единствена пречка за напредок. Името се реши, но „единствената“ пречка остана. Само сега доби друго име – Бугарија.

Впечаток е дека ЕУ ја толерира Бугарија и дека така ќе продолжи. Едноставно, без оглед што Софија е дел од клубот во кој владее солидарност, ако големите сили во Унијата го постават проширувањето како стратешко од безбедносен или од каков било интерес, веднаш ќе беа покритични кон Бугарија во врска со фондовите, на пример, или со јавни изјави, па Бугарија ќе правеше други пресметки, можеби ќе почнеше помалку да блокира за да не ја чини прескапо и тогаш и проширувањето ќе беше полесно.

Наместо тоа, Софија го откри алгоритамот – историските прашања не „палат“ кај Европејците, ама затоа човековите права се од особен интерес.

– Во секоја етапа од пристапниот процес човековите права се во центарот на вниманието. Тоа значи дека земјата кандидат ќе стане дел од ЕУ со добри резултати во  почитување на човековите права и ќе може да придонесе кон тоа што во суштина е заедница на демократии. Ние тоа блиску го следиме во процесот на пристапување – изјави евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир.

Македонија, да потсетиме, секогаш добивала преодни оценки за почитувањето на човековите права и била пример за мултиетничко општество. Но, Унијата се иззема од одговорност кога станува збор за проблемите со малцинствата во нејзините членки, барем во случајот со Македонија и со Македонците во соседна Бугарија. Тогаш се упатува на тоа дека „главната организација која е одговорна за следење на почитувањето на човековите права е Советот на Европа“.

Човековите права не беа проблем кога земјава доби кандидатски статус или препорака за преговори, но сега се откри „дискриминација“ на Бугарите за која се покажа дека ЕУ има разбирање. Па дури тие стигнаа на средба со еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи. Оваа средба колку и да се смета за личен чекор на Вархељи, не треба да се занемари фактот дека тој зема плата од ЕУ и утре ќе се бори за уште еден комесарски мандат, за што сигурно ќе му значи дали Бугарија или некоја друга земја ќе крене рака за него.

Сето ова води кон заклучокот дека станува збор за координиран настап и комплементарност. Бугарија си има билатерална агенда и ревносно ја спроведува, а таа одговара на желбите на оние што не се приврзаници на проширувањето на Унијата. Или, како што неодамна изјави познатиот австриски новинар Михаел Мартенс од „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ – на сите што веруваат во проширувањето со Западен Балкан, им испраќам специјални поздрави од Дедо Мраз.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот