
Цело Скопје е како депонија, надлежните немаат ниту срам, ниту одговорност
Скопје е преплавено со отпад, преполните контејнери со ѓубре и мини депонии околу нив смрдат низ градот, па дури и комуналците цел месец не излегле со соопштенија со кои се обидуваат да ги убедат граѓаните дека си ја вршат работата како што треба во однос на јавната хигиена.
Препорачано
Во меѓувреме, скопјани постојано се жалат дека ѓубрето не се собира редовно низ нивните населби, особено во оние каде има куќи и каде отпадот се одложува во канти и ја потсетуваат градоначалничката Данела Арсовска дека таа сѐ уште е градоначалник и дека треба да се погрижи за хигиената во градот.

По социјалните мрежи редовно се споделуваат фотографии од купишта ѓубре на различни локации низ градот.
Дали некој досега има поднесено кривична пријава до град Скопје и градоначалничката за катастрофалната состојба со хигиената и поради загрозување на здравјето на сите жители на градот? И ако досега е поднесена кривична пријави, дали некој знае до која фаза е и до каде е постапката? Некој треба дебело затвор да лежи за ова што се случува во Скопје! Чума да фатеше градов полесно ќе се поминеше од ова што се случува со ѓубрево и со гнасотиите насекаде околу нас – коментира жителка на Аеродром.
Дел од граѓаните прашуваат како е можно градските и општинските власти да покажуваат толкава неодговорност и несовесност. Жители на Гази Баба негодуваат дека откако три недели се гушеле во ѓубре, екипите на „Комунална хигиена“ ги исчистиле конечно контејнерите, ама сиот отпад што им испаднал при собирањето го оставиле по улиците.
Секој што живее во главниот град, па и оние што туристички го посетуваат на неколку дена, можат да забележат во каква ужасна состојба се наоѓа Скопје секојдневно, колку е нечисто и запуштено. Највидливо е во централното градско подрачје каде всушност има и најголема фреквенција на луѓе. Просторот под лаковите на Камениот мост е претворен во јавен тоалет од каде се шири смрдеа на сите страни, но и со ѓубре од секаков вид, очигледно неисчистено долго време. По Вардар „течат“ отпадоци. Изгорената галија е претворена во депонија. Преполно со отпад е и кај Транспортен центар.
ФОТО: Гнасотија, ѓубре и смрдеа под Камениот мост, неопходно е комуналците да поработат
И градоначалниците на скопските општини многупати апелираа до „Комунална хигиена“ да си ја врши работата. Пред извесно време, работници од Општина Центар ги чистеа преполните контејнери низ Дебар Маало затоа што градските комуналци не интервенирале.
Општина Аеродром пак ѝ изрече прекршочна казна на „Комунална хигиена“ во износ од 88.000 евра поради континуираното нефункционирање, несоодветното собирање отпад и негрижата за јавната хигиена на нејзината територија од страна на градското претпријатие.
Жителите на Аеродром секојдневно се обраќаат до Општината со поплаки за преполни контејнери, неподнослива нечистотија на улиците во сите населби, иако редовно и уредно ги плаќаат комуналните давачки секој месец – истакнаа од Аеродром.
Од јавното претпријатие задолжено за градската хигиена пак, на сите обвинувања упатени кон нив во изминатиот период одговараа дека тие континуирано и по план и програма постапуваат со отпадот.

На нивната Фејсбук страница постојано објавуваа каде и колку ѓубре исчистиле. Сега веќе не го прават ни тоа. Последната информација од нив е од 20 август дека отстраниле обемна дива депонија , каде што биле подигнати и транспортирани 35-50 кубни метри мешан комунален, кабаст и градежен отпад одложени на јавна површина, без да прецизираат каде се наоѓала таа депонија.
ЈП „Комунална хигиена“ во текот на минатата година се соочи со зачестена појава на таканаречените „црни точки“ – локации каде што континуирано се одлага отпад на јавни и сообраќајни површини. Од овие причини, претпријатието воведе и интервентни патролни дежурства на Екопатролата, којашто во периодот јануари-декември 2024 година изготви и врачи 334 едукативно-информативни записници за граѓани и правни субјекти што се затекнати при непрописно одлагање отпад – соопштија од претпријатието.

Граѓани исто така реагираат дека во последниве месеци не се собира комуналниот отпад со вообичаената динамика и во утврдените термини. Од населбата Лисиче велат
дека иако до неодамна отпадот од кантите се собирал секој ден, сега тоа се прави на три или четири дена, па дури и цела недела не им се празнат кантите пред куќите.
На прашањето до „Комунална хигиена“ зошто е променет распоредот на собирање отпад и зошто не се собира редовно и дали имаат проблем со возила, луѓе или бензин, оттаму децидно не одговараат, но објаснуваат дека согласно динамиката предвидена со Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на градот Скопје, отпадот од кантите во индивидуалните домувања се собира два пати во текот на неделата, според однапред утврден распоред.
Во посочената населба Лисиче постои и рурален дел, каде што отпадот од кантите во индивидуалните домувања се собира еднаш во неделата. Активностите на ЈП „Комунална хигиена“ во населбата Лисиче веќе со години наназад се одвиваат со оваа динамика, односно во урбаниот дел отпадот се собира два пати неделно, додека во руралниот дел на населбата отпадот се собира еднаш во неделата – велат од претпријатието.
Денеска, како за промена контејнерите во строгиот центар за градот не се прелеваа и беа испразнети. Но, на Скопје му треба генерално чистење на сите јавни површини, на улиците, зелените површини, површините каде стојат контејнерите. Бидејќи сегашнава состојба е срам за оние што се надлежни да се грижат за хигиената.