Целата фамилија била против: Израелка го донирала својот бубрег за палестинско дете од Газа

Амбуланто возило во Израел/ Фото: Профимедиа

Идит Харел Сегал на својот 50-ти роденден за поклон решила да го донира еден од своите бубрези за странец. Воспитувачката  во градинка од северен Израел, е горда Израелка, која се надевала дека нејзиниот избор ќе биде пример на дарежливост во земјата со поголеми конфликти. Неа ја поттикнале сеќавањата на нејзиниот покоен дедо, кој го преживеал холокаустот, а и рекол да ја следи еврејската традиција, која смета дека нема поголема должност од спасување на животи.

Така, Сегал контактирала група која ги поврзува донаторите и примателите, притоа започнувајќи деветмесечен процес на пренесување на бубрегот на некој на кого тој му е потребен.

Се испостави дека тој некој е тригодишно палестинско момче од појасот Газа, пренесува АП.

– Не ме познавате, но наскоро ќе бидеме многу блиски бидејќи мојот бубрег ќе биде во вашето тело, напишала Сегал на хебрејски јазик на детето, чија фамилија побарала да не биде именувано, заради чувствителноста на ситуацијата. Нивни пријател го превел писмото на арапски за фамилијата да може да го разбере. „Со цело срце се надевам дека оваа операција ќе успее и ќе живеете долг, здрав и исполнет живот“.

Сопругот на Сегал и најстариот од нејзините три деца, син во рани 20-ти години, се спротиставиле на тој план, а нејзиниот татко престанал да разговара со неа. Според нив, таа непотребно го ризикувала животот. Губењето на три роднини во палестинските напади, вклучувајќи ги и родителите на нејзиниот татко, тоа додатно го отежнале.

„Мојата фамилија навистина беше против. Сите беа против. Мојот сопруг, мојата сестра, нејзиниот сопруг. А оној кој најмалку ме поддржуваше беше мојот татко“, рекла Сегал за време на неодамнешно интервју. „Тие се плашеа“.

Кога го дознала идентитетот на детето, таа со месеци не ги кажувала деталите на никого.

Матнат Чаим, невладина организација во Ерусалим, ја координираше размената, рекла извршната директорка на групата, Шарон Шерман.

Случајот со детето од Газа бил сложен. За да се забрза процесот, од болницата му рекле на таткото на детето, чиј бубрег не бил компатибилен со неговиот син, дека ако го донира бубрегот за израелски примател, детето „веднаш би било на врвот на листата“, рекла Шарман.

Истиот ден кога неговиот син добил нов бубрег, таткото донирал еден свој бубрег за 25-годишна израелска мајка на две деца.

За Сегал, поклонот кој предизвикал таков конфликт во нејината фамилија постигнал повеќе отколку што се надевала. Нејзиниот бубрег помогнал да се спаси животот на детето, создал друга донација и воспоставил нови врски меѓу членовите на групи кои се постојано во судири. Таа рекла дека го посетила детето пред неговата операција и одржува контакт со неговите родители.

Сегал вели дека нејзиниот сопруг сега подобро ја разбира, како и нејзините деца. Во пресрет на операцијата ја побарал и нејзиниот татко.

– Не паметам што рече бидејќи плачеше, рекла Сегал. Тогаш му рекла дека нејзиниот бубрег е наменет за палестинско дете.

На момент завладеала тишина, по што тој рекол:

„Па, и тоа треба да живее.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот