Царовска во Краков: Училиштето е вистинското место каде од најрана возраст се учат и развиваат позитивните вредности

Мила Царовска
Мила Царовска / Фото: Влада на Република Северна Македонија

Министерката за образование и наука Мила Царовска на симпозиум во Краков, Полска, посветен на антисемитизмот, во организација на Европската еврејска асоцијација, истакна дека секоја генерација треба да се насочува кон стекнување вистински етички, морални и човечки вредности и кон препознавање на негативните општествени појави како дискриминација, омраза и нетолеранција, за да не дојде до нови сериозни катастрофи слични на холокаустот.

– За тоа е потребно развивање на индивидуалната и колективната свест во секое општество, а ние, политичарите и државниците, можеме многу да придонесеме кон постигнувањето на оваа цел. Трауматичните случувања и злосторства од минатото треба да ни бидат поука во сегашноста и да се стремиме кон создавање подобро општество за секого, во кое ќе нема или, пак, немилите настани ќе бидат сведени на минимум. Ова можеме да го постигнеме најмногу преку системот на образование, затоа што училиштето е вистинското место каде уште од најрана возраст се учат и развиваат позитивните вредности. Токму во таа насока се и новите наставни програми и материјали кои во Северна Македонија ги воведуваме етапно, а со кои се изучува еднаквоста, инклузивноста, мултикултурализмот, толеранцијата, почитување на правата и различностите, рече Царовска.

Како што информира МОН, министерката потенцираше дека антисемитизмот не е само лекција во учебниците во македонскиот образовен систем. Оваа тема не се изучува само преку еден текст напишан на една или две страници од учебник во некое одделение, туку, рече, е тема која систематски се разработува на повеќе нивоа, во повеќе одделенија.

– Се организираат и воннаставни активности, учениците го посетуваат Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Северна Македонија кој е лоциран во Скопје и со тоа се сензибилира прашањето за холокаустот, а младите се едуцираат да придонесат за никогаш повеќе да не се случи таква катастрофа, истакна Царовска на симпозиумот, на кој учествуваа и министрите и државните секретари за образование на Германија, Холандија, Велика Британија, Франција, како и претседателите на парламентите во Босна и Херцеговина и Црна Гора.

По завршувањето на симпозиумот во Краков, наведува МОН, учесниците го посетија и концентрацониот логор – музеј Аушвиц, каде им оддадоа почит на жртвите на холокаустот.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот