Бутелчани наскоро ќе добијат нова градинка, паркови и асфалтирани улици

Фото: Општина Бутел

Наскоро ќе започнат да се градат и четири нови рекреативни центри со спортски и детски игралишта и холтикултурно уредување и тоа во населбите Бутел, Радишани и Скопје Север, како и во местото викано Жегровец помеѓу Радишани и Љуботенски пат.

Нова детска градинка, асфалтирање и реконструкција на улици, нови паркови, изградба и реконструкција на спортски рекреативни центри, нови пешачки патеки, нови паркови. Ова се само дел од проектите кои ќе бидат реализирани во рамките на „Градежното лето во Општина Бутел“.

– Започнуваме со градежна летна офанзива како никогаш досега. Нова детска градинка во дворот на ООУ „Св. Климент Охридски“, започнуваме во соработка со Град Скопје со асфалтирање и реконструкција на улица Бутелска во должина од 1.000 квадратни метри и улица Скоевска во должина од 1.800 квадратни метри. Ќе поставиме „легнати полицајци“ онаму каде што е потребно според потребите на граѓаните. Довршување на проектот за изградба на кеј на реката Серава во Радишани – вели градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски.

Костовски најавува и асфалтирање 20 улици во сите населени места како дел од првата и втората фаза, а жителите наскоро ќе добијат и нови паркови во населба Радишани и до ООУ „Св. Климент Охридски“. Во рамките на градежната офанзива ќе се градат и нови детски игралишта во Љубанци, во населбата Радишани, како и во Скопје Север и во Бутел.

– Нова пешачка патека во должина од 800 метри на улица 30, населено место Љуботенски пат. Ново кошаркарско игралиште во Бутел 2 ООУ „Панајот Гиновски“, ново мултифункционално игралиште во Визбегово, реконструкција на фудбалското игралиште во ООУ „Живко Брајковски“, нова ограда во ООУ „Св. Климент Охридски“, нови библиотеки во ООУ „Гоце Делчев“ и „Петар Здравковски – Пенко“. Целосна реконструкција и поставување вештачка трева на фудбалското игралиште во Љубанци. Реконструкција на пристапните пешачки патеки во Скопје Север. Опремување и оспособување на нови кабинети по хемија и физика во неколку ООУ – најавува градоначалникот.

Бутелчани наскоро треба да добијат и четири нови спортско рекреативни центри со спортски и детски игралишта и холтикултурно уредување и тоа во населбата Бутел на местото познато како „ливада“, во населбата Радишани спроти „Олимпија“, во населбата Скопје Север како и на улицата 8 во местото викано Жегровец помеѓу Радишани и Љуботенски Пат.

Меѓу најавените проекти, општинските власти велат дека е и поставување на нова урбана опрема на сите места каде што е потребно како и подигнување ново зеленило и нови зелени скверови.

– Општина Бутел видливо се менува. Динамичното темпо што го наметнавме, ги крена очекувањата кај граѓаните на Општина Бутел и ние сме спремни да одговориме на потребите на граѓаните. Сè што е ветено ќе биде реализирано, потребно е само малку трпение – додава Костовски.

Видео на денот