Бушати: Лидерите на ЕУ како да заборавија на одлуката за Западен Балкан од Солунскиот самит

Носењето билатерални прашања во процесот на пристапување кон ЕУ сериозно го доведува под знак прашалник кредибилитетот на процесот на проширување за целиот регион, вели поранешниот министер за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати во интервју за Независната балканска новинска агенција (ИБНА).

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во однос на бугарската блокада и сценаријата за раздвојување на преговарачките процеси на Северна Македонија и Албанија, Бушати се потсетува на дискусиите од пред две години, но и порачува дека е потребна поддршка од соседните земји членки на ЕУ.

– Иако теоретски гледано, процесот на проширување се базира на т.н. „принцип на регата”, оваа дебата беше прилично присутна пред две години, каде имаше гласови кои поддржуваа побрз процес на пристапување на Северна Македонија во ЕУ. Сега имаме потенцијално спротивно сценарио, одвојување на Албанија од Северна Македонија. Очекуваме да ги видиме нашите соседи кои се дел од ЕУ да бидат активни и да покажат политичка мудрост во овој процес. Носењето билатерални прашања во процесот на пристапување кон ЕУ сериозно го доведува под знак прашалник кредибилитетот на процесот на проширување за целиот регион, истакнува поранешниот шеф на албанската дипломатија.

Тој додава дека „ревизијата на методологијата за проширување треба да биде придружена со покохезивен пристап и активности од институциите на ЕУ и земјите- членки на Унијата” и истакнува дека интеграцијата на Западен Балкан „би бил чекор кон постигнување на финализирање на ЕУ”.

За наводните нон пејпери за промените на границите, Бушати коментира дека се директна последица од застојот во процесот на проширување.

– На Самитот во Солун во 2003 година, лидерите на ЕУ ја донесоа далековидната стратешка одлука, на целиот регион да му понудат членство во Унијата. За жал, се чини дека лидерите на ЕУ го заборавија тоа. Протокот на нон пејпери без автори за прекројување на тековните граници е директна последица од фактот дека процесот на проширување е во застој, рамката за интеграција на регионот е ослабена, истакнува Бушати.

Во интервјуто тој коментира дека историјата не може одново да се напише, но може да се создаде погодна средина за надминување на билатералните спорови, а како пример  за тоа го споменува Договорот од Преспа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот