Бурно е во Баерн, најдена е замена за незадоволниот Флик
Тренерот Ханси Флик под чие водство Баерн Минхен минатата сезона ги освои сите трофеи можно е на крајот од сезоната да го напушти баварскиот тим.
Причината не се резултатите, Баерн под водство на Флик освои дури шест трофеи во една сеозна, туку големите несогласувања со спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ.
Според весникот „Билд“, Салихамиџиќ и Флик речиси и да не разговараат, а не можат да најдат ниту заеднички јазик и за трансфер политиката која е најголем камен на сопнување во нивните односи. Последното несогласување е поради голманот Александер Нубел. Имено, Флик бараше Нубел да замине на позајмица во Монако каде би добил шанса редовно да брани, бидејќи сеознава Мануел Ноер е неверојатен на голот на Баерн.
Но, Салихамиџиќ зад грбот на Флик му ветил на Нубел дека ќе добие шанса во финишот од сезоната, што е речиси неверојатно да се случи.
Поради тоа „Билд“ пишува дека Салихамиџиќ започнал да размислува за наследник на Флик и изборот паднал на младиот тренер на Лајпциг, Јулијан Нагелсман.
Нагелсман прави чуда со Лајпциг кој моментно е единствен конкурент на Баерн за титулата во Бундеслигата, а се почести се гласините дека на крајот од сезоната ќе си замине од клубот.
За него голем интерес пројавуваат неколку англиски екипи, како и Барселона, но „Билд“ тврди дека спортскиот директор на Баерн во наредниот период планира да оствари средба со него за можноста од следната сезона да седне на клупата на актуелниот европски шампион.