Бура на бугарската политичка сцена по изјавата на Николоски: Со овие луѓе не треба да има ниту пријателски средби
Не стивнуваат реакциите од бугарските политичари по изјавата на потпретседателот на македонската Влада и министерот за транспорт и врски Александар Николоски кој, коментирајќи ја средбата на претседателката Сиљановска-Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев, неистакнувањето на македонското државно знаме го нарече нецивилизиран и непристоен чин од страна на домаќинот.
– Помизерни од нив се само нашите, домашните слуги. Тоа се истите кои потпишаа дека имаме заедничка историја, дека нашиот јазик е дијалект, дека нема да влеземе во ЕУ ако не прифатиме дека сме Бугари… Е истите тие сега зборуваат за патриотизам – потенцираше министерот Николоски во интервју на Алфа ТВ.
На оваа изјава стигнаа серија реакции од бугарска страна.
– Со овие луѓе не треба да се одржуваат ниту пријателски средби. Тие се однесуваа подло со претседателот и со министрите кои се сретнаа со нив. Од неодамна се на власт и не им се јасни протоколарните работи. Јазикот што го користат има само едно оправдување – оставка на овој министер – порача лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов по повод изјавата на Николоски.
„Отворениот и конструктивен дијалог, дури и на неформална средба, како онаа што се одржа меѓу претседателите на Бугарија и Република Северна Македонија на 13 септември, очигледно длабоко вознемири одредени кругови во Ввладата на Северна Македонија. Манипулацијата со фактите и хистеричните реакции на Владата на РСМ не влеваат оптимизам дека нашиот југозападен сосед сака односите со Бугарија да го напуштат полето на провокации и наместени скандали“, се наведува во ставот на Кабинетот на претседателот на Бугарија.
– „Цивилизираноста“ на новата влада на РСМ допрва ќе се оценува според тоа дали таа ќе продолжи да биде дел од кампањите за поттикнување омраза кон Бугарија или против нив, според нејзината способност да ги почитува меѓународните договори и според нејзината вистинска посветеност на исполнувањето на Копенхашките критериуми за членство во ЕУ. Припадноста кон обединета Европа бара вистинска волја, систематски напори и конкретни резултати – се додава во ставот на Кабинетот на претседателот.
Реагираа и другите политички партии во Бугарија кои на претстојните седми парламентарни избори во октомври ќе претендираат за освојување на власта. Последниве три години во Бугарија по низа неуспешни обиди да се состави фунционална владина коалиција, со земјата управува техничка влада.
– Јазикот што го користи Република Северна Македонија е неприфатлив. Колегите од Република Северна Македонија од политички и внатрешно-политички причини го оттргнуваат својот народ од европскиот пат – изјави во Народното собрание Лена Бориславова од коалицијата Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија.
Сметаме дека интересите на Бугарија се заштитени, изјави Бориславова, потсетувајќи на договорот склучен врз основа на „францускиот предлог“.
– Се виде дека и покрај критиките што ги претрпевме во тоа време, кои беа целосно политички мотивирани, интересите на Бугарија во моментов се заштитени – посочи таа.
Претседателот на ДПС Делјан Пеевски побара извинување од македонските власти и повика на отповикување на македонската амбасадорка во Софија, Агнеса Руси Поповска додека не пристигне официјално известување на бугарска адреса „заради навредите кон бугарската држава и народ“.
– И нека се знае дека нема да трпиме некој да си дозволи таков однос. Уште помалку за претставниците на власта во државата за која Бугарија направи толку многу како поддршка со години, има место во европското семејство – наведува и претседателот на ДПС.
Иван Иванов, заменик-претседател на пратеничката група „БСП за Бугарија“, исто така побара бугарското МНР да ја повика македонската амбасадорка во Софија да даде објаснување, затоа што ваквата изјава „ја навредува не само нашата заедничка историја, бидејќи тоа е факт. Можам да го кажам тоа како историчар дека секое тврдење за отсуство на заедничка историја е измама и фалсификување“.
Ваквата реторика покажува дека за РСМ нема место во ЕУ, е заклучокот од партијата „Има таков народ“ (ИТН).
– Договорот е потпишан, правилата се јасни, се договорија и во моментов нашите европски партнери треба крајно остро да реагираат и да го кажат истиот став дека додека не почнат да ги почитуваат своите договори, немаат место и воопшто нема да се отворат преговарачките поглавја – рече Тошко Јорданов, од ИТН.
Вчера реагираше и бугарското Министерство за надворешни работи со соопштение дека со вакви провокации од македонските политичари се нарушуваат добрососедските односи.
– Нашите партнери се известени за неиспровоцираните провокации, чија цел е и уништување на дијалогот. Уште еднаш потсетуваме на клучното значење на развојот на добрососедските односи за европската иднина на Република Северна Македонија – е ставот на бугарското МНР.
Денеска македонскиот премиер Христијан Мицкоски ќе има средби во Брисел. Ставот на Мицкоски е дека новата влада нема „повеќе да води дипломатија со свиткана кичма“ и секогаш кога ќе се помине црвената линија ќе реагира, па по повод дипломатскиот скандал со македонското знаме во Софија упати демарш до бугарскиот амбасадор во Скопје, Желјазко Радуков што од негова страна беше одбиено на средбата во МНР.