Бундеслигата е во опасност да стане развојна лига за Англичаните

Баер Леверкузен го има третиот најголем буџет за плати во Бундеслигата, но во Премиер лигата најверојатно би бил меѓу последните три/ фото:EPA-EFE/FRIEDEMANN VOGEL

Директорот на Баер Леверкузен, Фернандо Каро, во интервју за „Гардијан“ предупреди дека екипите од Премиер лигата се финансиски помоќни од останатите европски великани.

Баер Леверкузен во Бундеслигата има трет најголем буџет, но сепак не можеше да се носи со финансиската понуда на екипа од Англија која оваа сезона влезе во Премиер лигата.

– Мора да заработуваме од трансферите. Англичаните ги плаќаат тие трансфери, а ние добиваме пари, но тоа значи дека Бундеслигата ќе стане развојна лига за Премиер лигата. Баер Леверкузен го има третиот најголем буџет за плати во Бундеслигата, но во Премиер лигата најверојатно би бил меѓу последните три – изјави Каро за „Гардијан“ кој потоа даде и конкретен пример.

– Изминатото лето се обидовме да купиме еден фудбалер кој на крајот заврши кај екипа која штотуку влезе во Премиер лигата. Тие понудија повеќе од нас кои сме една од првите четири екипи во Германија кога станува збор за вкупниот буџет. Многу повеќе пари и ресурси има во Премиер лигата отколку во останатите европски лиги. Тоа дефинитивно не е добро за нас.

Според директорот на Баер Леверкузен, премиерлигашите имаат предност над останатите екипи од Европа поради вредоста на ТВ правата.
– ТВ правата се такви какви што се, тешко дека ќе ги зголемиме приходите. Поради тоа, најголем приход можеме да оствариме од резултатите во европските натпреварувања. Другиот начин на заработка е преку трансферите – додава Каро.

Видео на денот