Булдожер со визија

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Она што оставаше најголем впечаток кај Пердју беше неговото непоколебливо уверување дека концептот содржан во Рамковниот договор ќе донесе траен мир меѓу заедниците, опстанок на Македонија и стабилност на овој дел на Балканот.

Минатата недела во Арлингтон, Вирџинија, на 77-годишна возраст почина Џејмс Пердју, висок американски дипломат, политички стратег и воен разузнавач, чие име во еден период беше одомаќинето во македонската јавност, заедно со имињата на Франсоа Леотар, Хавиер Солана, Питер Фејт – клучните ликови за Македонија во драматични настани од 2001 година. Историчарите веројатно еден ден ќе кажат попрецизно, но не е прерано и сега да се каже дека Пердју имаше пресудна улога во решавањето (некои ќе речат, менаџирањето) на безбедносната криза, до која дојде по оруженото „востание“ или „агресија“ (во зависност од перспективата на гледање) од страна на албанската паравојска во Македонија, т.н. ОНА/УЧК.

Пердју се смета за главен архитект на Охридскиот рамковен договор, а и главен фактор на убедувањето (притискањето) на завојуваните страни, прво да го одложат оружјето, а потоа и да го потпишат овој договор, колку и да беше тоа против нивната волја. Во тоа несомнено му помогна претходното искуство во булдожер-дипломатијата, како десна рака на Ричард Холбрук при неговата далеку потешка мисија во постигнувањето на Дејтонскиот договор за Босна и Херцеговина.

Се разбира, неговиот притисок да ги седне на зелена маса македонските политичари не му донесе популарност во македонската јавност. Напротив, се доживуваше како главен експонент на наметнување решенија од позиција на сила. Веројатно не бил омилен ниту во радикалните албански воени структури, кои имаа поголеми амбиции и очекувања од војната што ја отворија против Македонија, меѓу тие што војуваа за повеќе територија, а не за повеќе права на Албанците. Но, тој успеа да ги доведе и двете страни до ситуација да не знаат дали победиле или изгубиле во војната, а долго време не знаеја ниту дали победиле или изгубиле на зелената маса.

Она што оставаше најголем впечаток кај Пердју беше неговото непоколебливо уверување дека концептот содржан во Рамковниот договор ќе донесе траен мир меѓу заедниците, опстанок на Македонија и стабилност на овој дел на Балканот. А тој концепт накусо беше зачувување на унитарна, мултиетничка Македонија, со „паритетна“ поделба на власта по етничка основа и елементи на консензуална демократија. Од оваа перспектива, може да се каже дека тој концепт го издржа тестот на времето, и покрај сите компликации, тешкотии и парадокси што ги донесе со себе. Се разбира, на Балканот никогаш не е доцна некоја успешна приказна да се изјалови, но еве, 19 години по војната, Македонија, рамковно редефинирана, покажува виталност и капацитет за амортизирање на внатрешните тензии по етничка основа. За тоа многу говори и фактот што партијата ДУИ, настаната со пацификација на воената формација ОНА, токму деновиве прогласи „зелено ребрендирање“ со објаснување дека агендата за стекнување повеќе национални права за Албанците се исцрпува, и тоа благодарение на Рамковниот договор. Оваа порака е сериозна, без оглед што може да ви се стори комична идејата дека ДУИ сега ќе наликува на „Гринпис“ и ќе се занимава со еколошки теми и спас на планетата Земја.

Една од премисите на Рамковниот договор, која Пердју постојано ја повторуваше – дека „нема територијални решенија за етничките прашања“ – во изминатиов период беше сериозно предизвикана, но истовремено доживеа и голема реафирмација. И тоа со фамозниот нон-пејпер, чие постоење Советот на Европа неколку недели го негираше, но минатата недела сепак го призна. Нон-пејперот, чија содржина не се објавува со објаснување дека е „опасна“, го содржи токму спротивното од политичката филозофија на Рамковниот договор: наместо да се бараат политички модалитети за мирољубива коегзистенција на различни етнички заедници, се бара прекројување на границите и на државите. Што и да била идејата на неговите автори, ефектот испадна сосема спротивен – европската политичка јавност се обедини во неговата осуда, а највисоките и највлијателни личности ја обновија „заклетвата“ дека промени на границите на Балканот не смее да има! Како реакција на тоа Брисел сериозно го врати во фокусот Балканот и проширувањето на ЕУ како единствен ефикасен одговор на тие опасни идеи. Последица на тоа беше и живата дипломатска активност за отстранување на бугарското вето, кое ги кочи Македонија и Албанија, а деновиве во Брисел се обновуваат и преговорите Белград-Приштина.

Во една од своите последни изјави Пердју, инаку во еден мандат и амбасадор на САД во Бугарија, остро и без влакна на јазикот го коментираше бугарското вето кон Македонија. Тој им порача на Бугарите дека „времето за малтретирање на Северна Македонија е завршено“ и дека ветото мора да биде тргнато, а Македонија да ги почне преговорите со ЕУ. Ако беше во право за Охридскиот договор, или за границите, зошто да не се покаже во право и за бугарското вето кон Македонија?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот