Букинг треба да пллати казна од 413 милиони евра поради монопол
Шпанската антимонополска агенција ја казни платформата за онлајн резервации Букинг со 413 милиони евра поради злоупотреба на доминантната позиција на пазарот во земјата во последните пет години.
Според шпанскиот регулатор, од 2019 година Букинг го злоупотребил својот доминантен пазарен удел во земјата, кој е меѓу 70 и 90 отсто, за да наметне нефер услови за хотелите и да ја ограничи конкуренцијата од други компании, пренесува Ројтерс.
Портпаролот на Букинг изјави дека компанијата „апсолутно не се согласува“ со оваа пресуда и ќе поднесе жалба до повисока инстанца.
Тој додаде дека за ова прашање треба да се разговара во согласност со правилата кои произлегуваат од новиот Закон за дигитални пазари на Европската унија.
Туристите се повеќе ги користат онлајн платформите како Ер Би Ен Би, Букинг, Експедија или Трип Адвајзор за резервации во ЕУ.
Во првиот квартал од 2024 година, гостите поминале 123,7 милиони ноќевања во сместувачките единици во Европската унија кои биле резервирани преку горенаведените платформи, што претставува зголемување од 28,3 отсто во споредба со истиот квартал минатата година, објави неодамна Евростат.
Од 20-те најпопуларни региони за резервирање сместување преку платформи, шест се наоѓаат во Шпанија, а Андалузија е најпопуларна.