Бујар се закани со лажни бомби против корупцијата

Жана П. Божиновска / Слободен печат

Што правеа досега тие сериозни институции за борба против корупцијата? Или не беа доволно сериозни? Или, пак, беа ставени на чекање додека државата да ги реши егзистенцијалните прашања, како што веле министерот Османи.

Конечно ни олесна. Министерот за надворешни работи Бујар Османи деновиве ни откри дека наредните години ќе бидат години на конечно расчистување со корупцијата на сите можни нивоа во државата и после ќе станеме пример не само во регионот, туку и пошироко! За да стигнеме до таму ни требало уште „малку“ – да имаме сериозна демократија и сериозни институции во борбата против корупцијата, па да бидеме такви какви што треба, какви што очекувале нашите пријатели и нашите граѓани.
А досега немавме сериозна демократија и сериозни институции за борба против корупцијата? Ниту еднаш не слушнавме дека нешто им фали на нашите институции. Напротив, постојано слушаме колкав напредок имаме по сите основи.

Кој им пречеше на сите досегашни влади институционално да се борат против корупцијата? Особено онаа системската. Зарем требаше американската амбасадорка Анџела Агелер да дојде, да се „збуни“ од изборот на обвинителот за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Амази, и да каже зошто е важно да се намали корупцијата, која го блокира напредокот на земјава, зашто го кочи економскиот раст и ги поттикнува најталентираните млади луѓе од земјата да бараат спас во странство.

Или требаше германската амбасадорка Анке Холштајн да каже дека на лекарите не треба да им се туткаат пари во џебовите, ниту пак наставничките да добиваат подароци од учениците за 8 Март или за да добијат подобри оценки. Па, јавна тајна е, па дури не е ни тајна, дека ова се прави со години, со децении наназад, исто како што е јавна тајна колкави се тарифите во одредени институции, ако сакаш да завршиш работа.
Што правеа досега тие сериозни институции за борба против корупцијата? Или не беа доволно сериозни? Или, пак, беа ставени на чекање додека државата да ги реши егзистенцијалните прашања и, како што вели Османи, додека внатрешно се консолидирала во однос на функционалната мултиетничка демократија и меѓуетничките односи и додека си ги среди односите со соседите, како и додека се етаблирала меѓународно!?

Ниту мултиетничката демократија, ниту меѓуетничките односи, ниту пак меѓународното етаблирање не ја исклучуваат борбата против корупцијата. Колку само извештаи од Брисел и од Вашингтон стигнаа со пораки дека е неопходна борба против ова најголемо зло во општеството. Колку „докази“ дадовме дека се бориме против корупцијата со стратегии, закони, национални координатори… За на крајот самите да зклучиме дека сето тоа досега било „гола вода“ и дека ете сега дојде време да се здружиме и да кажеме стоп на корупцијата. А досега што правевме? Се радувавме на оценките за транспарентност?
И зошто засилената антикорупциска борба би била заедничка определба на Македонија и САД или Македонија и ЕУ или Македонија и која било држава? Нормално е државата која, ете, ги решила сите останати прашања да има сопствена определба за оваа борба, без никој да ја турка и да ја потсетува. Нормално е државата сама да се запраша зошто предметите од Антикорупциската комисија, на пример, завршуваат така како што не завршуваат, или како функционираат обвинителството и судовите. А колку само обуки и семинари поминаа низ светот…

Важно, сега борбата против корупцијата и тоа неселективна, како што вели премиерот Димитар Ковачевски, е високо на владината агенда. Но, останува да видиме колку оваа „агенда“ ќе помине кај специјалниот тим од Вашингтон кој поагресивно ќе истражува корупција кај функционери, бивши, ама и сегашни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот