Бујар Османи води Твитер политика на своја рака?

Руска амбасада во Р. Северна Македонија / Бујар Османи / Фото: Архива на „Слободен печат“

Владата вчера не го коментираше твитот на министерот Бујар Османи за американските санкции против Русија, а ниту министерот не дообјасни дали неговиот став е личен или државен. Од Владата сѐ уште не испратија одговор на прашањата дали шефот на дипломатијата на Твитер ја изрази поддршката на политиките на САД кон Русија во име на целата држава и кој е државниот став по ова прашање.

„Слободен печат“ ја праша Владата дали смета дека е во ред преку социјалните мрежи да се води надворешната политика и дали министерот Османи ќе сноси одговорност доколку неговиот твит ѝ нанесе штета на Македонија, затоа што Русија порача дека „ќе ја има предвид македонската солидарност“, а тоа во јавноста се протолкува дека веројатно повеќе нема да ни испорачува вакцината „Спутник В“ против коронавирусот. Истите прашања му беа испратени и на министерот Османи, но ниту тој не ги одговори.

– Северна Македонија целосно поддржува и се солидаризира со преземањето мерки на САД, одговарајќи на дестабилизирачките активности на Русија против САД и нашите сојузници. Подобрувањето на нашата колективна безбедност е наш приоритет, твитна Османи викендов.

Од руската амбасада експресно реагираа:

– Ќе ја имаме предвид македонската солидарност која се базира на недокажани наводи за руски активности. Веруваме дека приоритетите треба да рефлектираат и да кореспондираат со заедничките закани и предизвици. Вакви изјави ни малку не помагаат во јавните заложби на Македонија да ги подобри односите од заеднички интерес со Русија, објави руската амбасада.

Од партијата Левица реагираа дека МНР и Османи не ги застапува ниту позициите на македонскиот народ, а Македонија одамна го изгубила суверенитетот во надворешната политика.

– Претставниците избрани од народот застапуваат интереси на туѓи амбасади, држави, или унии. Како држава последните неколку години, неосновано повеќекратно се солидаризиравме со санкциите кон Руската Федерација, патем претходно македонските власти донесуваа и одлуки за протерување на руски дипломати. Во изминатиот период, и покрај подадената рака од страна на Русија во време на пандемија и разговори за затоплување на односите помеѓу двете земји, министерот Османи, одлучи да ги разруши ваквите релации, се вели во реакцијата на Левица.

Професорот Ѓорги Спасов реагираше дека Османи почнал да води политика преку твитер, исто како што правеше Доналд Трамп.

– Лично мислам дека нашата земја има право а би било и мудро, во овие моменти кога се заострува судирот меѓу САД и Русија да покаже и мала воздржаност. Да не заборавиме дека нашите војници кои се дел од таа колективна безбедност беа вакцинирани со вакцината Спутник, донација од Русија. Нашата земја очекува 200 илјади вакцини исто така од Русија во време кога немаат доволно и за сопственото население. А во такви услови, една мала земја како Македонија, па макар и членка на НАТО треба да има сила да каже, дозволете ни да покажеме благодарност и кон Русија и не не вовлекувајте во вашиот моментален судир со сила, напиша Спасов во колумна со наслов „Прле пред магаре“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот