Бујар Османи утре во официјална посета на Подгорица: Шефот на македонската дипломатија на средби со црногорскиот државен врв

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, утре ќе престојува во официјална посета на Црна Гора на покана на црногорскиот колега, Ѓорге Радуловиќ.

Како што соопшти МНР, во рамките на посетата Османи ќе има средби со целиот државен врв на земјата. Покрај со неговиот домаќин, Османи ќе оствари средба и со претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, со претседателот на црногорскиот Парламент, Алекса Бечиќ, со претседателот на Владата, Здравко Кривокапиќ, како и со потпретседателот на Владата, Дритан Абазовиќ.

– Се очекува, на разговорите да бидат потврдени блиските и пријателски односи меѓу двете земји, но и детално разгледување на начините како да се продлабочи соработката, особено економската, која треба да ги следи многу добрите политички односи, преку изнаоѓање на нови форми и содржини за збогатување на трговската размена, наведуваат од МНР.

Во споделувањето на мислења и ставовите посебно внимание, се посочува, ќе биде ставено на соработката во рамките на НАТО, како земји сојузници и во процесот на интеграцијата во Европската Унија (ЕУ), во која двете држави имаат заедничка цел и перспектива. Во тој контекст, ќе се разговара и за регионалната соработка и иницијативи, кои имаат клучна улога во развојот на добрососедските односи и нивното значење за меѓусебната соработка и европската иднина на секоја земја поединечно и регионот како целина, стои во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот