Бугарското МНР подготвено да го потпише протоколот, Радев очекувал повеќе

Румен Радев, претседател на Бугарија /Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Време е одговорните фактори во Република Северна Македонија, не со зборови, туку со дела, да ја покажат својата посветеност и желба за сопствената и европската иднина на регионот, пишува во соопштението на бугарското Министерство за надворешни работи.

Бугарското МНР е подготвено да продолжи со потпишувањето на Протоколот за спроведување на Договорот за добрососедство, откако Народното собрание на Бугарија претходно даде зелено светло за предлогот на француското претседателство за почеток на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ. Министерство за надворешни работи на Бугарија соопшти дека е подготвено да продолжи со потпишувањето на Протоколот, согласно член 12 од Договорот за пријателство и добрососедство со Република Северна Македонија.

Од друга страна, бугарскиот претседател Румен Радев, за францускиот предлог за Северна Македонија, кој помина кај бугарските пратеници, рече дека содржи голем број од основните бугарски барања, но можел да биде уште поуспешен доколку политичарите посветеле поголемо внимание на целиот процес.

Од вас зависи колку брзо ќе станете членка на ЕУ, порача Софија

Во соопштението на бугарското министерство пишува дека е „време одговорните фактори во Република Северна Македонија, не со зборови, туку со дела, да ја покажат својата посветеност и желба за сопствената и европската иднина на регионот”.

– Брзината со која Република Северна Македонија ќе пристапи кон членство во Европската Унија зависи од неа и нема да се одложи доколку земјата ги исполни преземените обврски во однос на европските вредности и добрососедските односи – пишува во соопштението на бугарското Министерство за надворешни работи.

Претседателот на Бугарија, Румен Радев коментираше дека францускиот предлог можел да биде уште поуспешен „доколку дипломатите од министерството за надворешни работи не се потпирале само на претседателската институција и не трошеле многу време и енергија за да ја стават дивергентната политика на премиерот во прифатливи рамки.“

– Долго инсистирав македонските Бугари да бидат запишани во Уставот. Парадоксално, беше полесно да се убедат францускиот претседател и европските лидери отколку бугарскиот премиер, чиј кабинет не презеде одговорност за своите постапки и не им даде доволно време на бугарските институции да се запознаат со случајот – рече Радев.

Тој додаде дека што се однесува до гаранциите за културно-историското наследство, нема потребни механизми и рокови за заштита.

– Пратениците гласаа со бланко чек, нема потребни механизми и рокови за заштита. Следните бугарски влади ќе бидат во сегашната ситуација, да имаат неплодни спорови со македонската страна – рече Радев.

Радев рече дека инсистирал на барањето македонските Бугари да бидат вклучени во Уставот, но сите партии, освен ИТН, го одбиле овој предлог. Според него, истиот бил прифатен кога дошол со посредство на претседателот на Франција, Емануел Макрон.

Нинова: Нашите црвени линии не се испочитувани целосно

На непотпишаниот протоколот, вчера реагираше и бугарската вицепремиерката во оставка и лидерка на социјалистите Корнелија Нинова, која во интервју за БНТ истакна дека пратениците на Бугарската социјалистичка партија (БСП) се воздржаа од гласање во Собранието за одлуката по „францускиот предлог”, бидејќи со неа не се испочитувале целосно нивните т.н. црвени линии за спроведување на билатералниот договор за соработка од страна на земјава.

Нинова изјави дека во одлуката се вели оти преговорите ќе започнат откако Скопје ќе го промени Уставот и ќе ги вклучи локалните Бугари во него, што според неа е добар предлог, но сепак тој се однесува на билатерален протокол кој не е потпишан. Според Нинова, бугарските интереси засега „не се заштитени”, бидејќи протоколот не е потпишан.

Народното собрание на Бугарија, во петокот, го одобри документот познат во јавноста како „француски предлог” за деблокада на европскиот пат на Северна Македонија. Со одлуката и се дава зелено светло на Владата во оставка на премиерот Кирил Петков „да ги одобри преговарачка рамка и заклучоците предложени од француското претседателство со Советот на ЕУ за решавање на сложените односи меѓу Бугарија и Северна Македонија ако се исполнат неколку услови”. При тоа се бара: ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, гаранција за правата на Бугарите во Република Северна Македонија преку нивното вметнување во Уставот, ништо во пристапниот процес на РСМ да не биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија и гаранции од ЕУ дека сето ова ќе биде исполнето.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот