Бугарско Обвинителство: Борисов е приведен поради наводни уцени

Бугарско Обвинителство/ Фото: МИА

Полицијата во Бугарија го приведе поранешниот премиер Бојко Борисов како дел од истрагата за наводни уцени што датираат од 2014 до 2019 година, соопшти денеска Бугарското обвинителство.

Децениското владеење на 62-годишниот Борисов заврши минатата пролет, кога тој ги загуби изборите кои го покажаа народниот гнев поради корупцијата на високо ниво во најсиромашната земја-членка на Европската унија. Тој останува лидер на централно-десничарската ГЕРБ, најголемата опозициска партија.

Новата центристичка коалициска влада ја презеде функцијата во декември, ветувајќи нулта толеранција за митото во Бугарија, која е рангирана како најкорумпираната земја-членка на ЕУ од страна на Транспаренси интернешнал.

Поранешниот министер за финансии Владислав Горанов и советничката за медиуми на ГЕРБ, Севдалина Арнаудова, исто така беа приведени синоќа, се вели во соопштението на обвинителството.

Министерството за внатрешни работи синоќа соопшти дека апсењата биле дел од операцијата поврзана со околу 120 истраги на Канцеларијата на Европското јавно обвинителство (ЕППО), кое истражува измами од големи размери со средства на ЕУ, во Бугарија.

Градските обвинители на Софија денеска треба да одлучат дали ќе го продолжат притворот на Борисов на 72 часа или ќе го ослободат, откако ќе ги испитаат деталите од истрагата.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот