Бугарското МВР за „Слободен печат“: Ќе ги преземеме сите неопходни мерки за мирно чествување

Средба на Оливер Спасовски и Иван Демерџиев/ Фото: Фејсбук

Од бугарското Министерство за внатрешни работи најавуваат дека ќе ги преземат сите неопходни мерки за мирно чествување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев во Скопје, без да прецизираат какви мерки ќе преземат на бугарско-македонската граница. Но, како што велат оттаму за „Слободен печат“, двете страни се во постојан контакт.

„На 30 јануари бугарскиот министер за внатрешни работи имаше работна средба во Скопје со министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија на која што беше прецизирано дека и двете држави ќе ги преземат неопходните мерки за да се гарантира мирно чествување и дека и двете страни се во постојан контакт“, пишува во одговорот од бугарското МВР на прашањето од „Слободен печат“ дали ќе преземат какви било мерки на границата од бугарска страна со цел да се спречат тензии и инциденти во Скопје.

Што ќе преземе бугарската полиција и дали ќе спречи лица кои може да предизвикуваат инциденти да ја поминат границата не се знае, но сигурно е дека за спречување тензии и инциденти во Скопје нема да се грижат бугарски полицајци.

Во меѓувреме, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска апелираше за смиреност од сите граѓани по повод чествувањето на 4 Февруари и порача дека како министер за внатрешни работи нема да дозволи понижување на македонскиот народ.

– Институциите работат и се прибираат информации кои значат дека ова очекување на граѓаните ќе биде реализирано, соопшти Спасовски и порача дека мора да ја деескалират состојбата „што неодговорни политичари, групи и поединци сакаат да ја влошат“.

Тој се обрати до граѓаните и ги повика да не подлегнуваат на повик на кои било политички субјекти и да ги преземаат надлежностите на институциите.

Софиски „Дневник“: Во бугарско-македонските тензии не е важно кој прв почнал, туку некој да запре

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот