Бугарско-македонски будалаштини, без превод

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Каква смисла има во 2019 година сè уште некој, овде, да се вознемирува за тоа што рекла Бугарската академија на науки за постоењето на македонскиот јазик или нација? Нивното соопштение ниту во Бугарија не предизвика некакви сериозни реакции во тамошниот нормален свет, па зошто овде треба да трошиме време и енергија за таа контроверзна вест?

Академиите за науки (и уметности) се измислици на 17, но особено на 18 и 19 век, не само како одраз на пробивот на просветителството, на хуманизмот и на почетокот на систематскиот развој на науките (пред сè) во западниот свет, туку и како производ на концептот на националните држави и нивното етаблирање како водечки концепт за организација на општествата.

Според тоа, национализмот е дефиницијата на постоењето на општествените дисциплини на ваквите Академии. А во држави како Македонија или Бугарија, во кои и така со децении ништо значајно не се случува како важен продор во техничките или природните науки, нормално е дека академската енергија масивно ќе се троши во интерпретативните области на историјата, литературата и сл.

Нашите, балкански Академии на науки главно постојат за да ги зацврстат националните митологии за тоа кој е најстар, најпаметен, најитар, најуспешен и, воопшто, нај-нај-нај во секој поглед во регионот. Кога, пак, се работи за два народи кои имаат толку блиски култури и истории како Македонците и Бугарите, тие националистички еуфории често се повеќе политички, одошто научно фундирани. Во македонскиот и во бугарскиот социјализам многу се инвестираше во градењето наративи втемелени врз теолошки, „апсолутни вистини“, за така лесно и ние овде и тие таму да се откажеме од нив. Па, ни мастилото на Договорот за добрососедство уште не ни е асолно исушено!

Но, вчера не ме мрзеше, тарашкав малку на интернет, најдов по еден бугарски и еден македонски превод/препев на Шекспировата трагедија „Макбет“. На македонски го читав оној на академик Богомил Ѓузел (од 1971 г.), на бугарски на Валери Петров (од 1974 г.)…

Прекрасно е тоа читателско, двојазично искуство! За сублиминалните дострели на Ѓузел, нашиот (меѓу другото) сè уште најзначаен преведувач на англофонска литература (негови се дури 18 преводи на драми од Шекспир!), немам многу што паметно да додадам. Но, уживав и во бугарскиот превод на Петров – иако, искрено, разбрав едно 70-80 отсто од прочитаното.

Зборот ми е, наместо да трошиме злоба и пцовки едни за други (и за трети!) и да си ставаме чемер на нашето и онака дождливо декемвриско расположение толкувајќи и одговарајќи на вакви или онакви меѓунационални провокации и политикантски итроштини, земете некоја убава книга на бугарски – мене тој јазик ми прозвучува како легато варијанта на нашиов стакато македонски – и обидете се да се пробиете низ тој нам близок, прекрасен јазик.

Тоа барем, најголем дел од етничките Македонци, можеме да го правиме со бугарскиот и српскиот јазик, кога веќе не сме биле паметни да поднаучиме и нешто албански или грчки.

Ајде, ајде, празници се ближат, ставете малку насмевки на вашите тмурни лица… Еве, нека бидат македонски насмевки, на тие на кои тоа толку им значи!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот