Бугарските услови не се европски, но исто ни се фаќа

фото: МИА

Решавањето на спорните прашања со Бугарија не е нов услов на ЕУ за Македонија да ги почне преговорите за членство, уверува министерот за надворешни работи Бујар Османи, откако јавноста почна да се прашува дали Македонија ја изгуби безусловната препорака за преговори што ја доби лани во март.

Викендов еврокомесарот за проширување Оливер Вархељ во Тирана порача дека Албанија ги исполнила сите услови за почеток на преговорите, а Македонија треба брзо да го реши спорот со Бугарија. Според аналитичарите, пак, Вархељ сака да постигне некакво решение, а од нас зависи колку квалитетно ќе биде тоа решение.

Министерот Османи вчера рече дека нема нов услов, туку политиките за проширување во Европскиот совет се носат со консензус и доколку нема согласност на една од 27-те земји членки, процесот не може да се движи напред.

Османи: Нема ништо ново

– Сѐ додека Бугарија не даде согласност за усвојување на преговарачката рамка и за одржување на меѓувладината конференција, тоа значи дека нема консензус. Претпоставувам дека во тој контекст е поставено прашањето со Бугарија, не како услов на ЕУ, бидејќи 26 земји членки беа за текстот на преговарачката рамка во изминативе месеци и за почнување преговори во декември, единствено против беше Бугарија – рече Османи.

Министерот додаде дека засега нема ништо ново во разговорите со Бугарија, кои во периодот до изборите ќе останат фокусирани на работите од Договорот за добрососедство за кои двете земји имаат помалку разлики.

– Комисијата за историски и образовни прашања треба да го усвои годишниот извештај за работата и овој документ, заедно со акцискиот план, кој речиси е договорен, се предуслови да се одржи меѓувладината конференција. Тоа нема да ги реши работите за кои имаме разлики, но сепак ќе креира едно повисоко ниво на доверба за да продолжиме со заедничките теми – рече Османи.

Арсовски: Вархељ гледа да си заврши работа

Според политикологот Петар Арсовски, Вархељ како комесар за проширување не е заинтересиран за квалитетот на решението меѓу Македонија и Бугарија, туку за тоа да постигне успех и во своето портфолио да ги запише почетокот на преговорите на Македонија и на Албанија со ЕУ.

– Сега се наѕира и можноста Албанија да почне преговори, а Македонија не, и ќе видиме како ќе биде, затоа што многу земји се противеа на тоа Македонија и Албанија да се раздвојат во процесот на проширувањето. Дел од земјите беа против Албанија да преговара. Вархељ сака да се постигне какво било решение. Не му е важен квалитетот, односно што ќе содржи решението, а познато е дека тој доаѓа од партијата на Виктор Орбан, која не ги негува многу европските вредности. На нас е да се избориме за квалитетно решение, Вархељ нема да води сметка за тоа – вели Арсовски за „Слободен печат“.

Еврокомесарот Вархељ на форумот во Тирана рече дека Македонија задржала стабилен чекор во имплементацијата на ЕУ реформите, посебно во делот на фундаменталните услови, но важно е брзо да се изнајде заеднички прифатливо решение за билатералните прашања со Бугарија.

Премиерот Зоран Заев одговори дека земјата ги исполнува сите потребни услови, прва во регионот го потпиша Договорот за стабилизација во 2001 година, но уште е во чекалницата на ЕУ.

– Северна Македонија никогаш немала друг интерес, освен мирно и достоинствено да кохабитира со своите соседи и со сите нации и етникуми во Европа. Ние никогаш нема да си дозволиме да разговараме за она за што не може да се разговара. А тоа е – кои сме, кои се нашите идентитетски атрибути и која е генезата на нашата државност и јазик – изјави Заев на Економскиот форум во Тирана.

Захариева: Сите ја сакаме Македонија во ЕУ

Сите ја сакаме С Македонија во ЕУ, повтори вчера министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, во интервју за бугарските медиуми.

– Кога шетам низ моето родно место Пазарџик, десетици луѓе ме прашуваат не само за внатрешната, туку и за надворешната политика, на пример, за нашата позиција за Република Северна Македонија. Бугарите ги прифаќаат соседите од С Македонија како најблиски. Јас сакам да ги поканам колегите од владата во Скопје да го слушнат мислењето на народот. Тие нас постојано нè потсетуваат дека нема да прифатат компромиси со нивната државна доктрина, која е заснована на омраза кон Бугарија и нашиот народ. Но, јас сум оптимист дека наскоро ќе дојде моментот во нашата врска кога ќе престанеме да ја користиме нашата заедничка историја за пропаганда и заедно ќе гледаме напред. Нема сомнение дека местото на Република Северна Македонија е во ЕУ – рече Захариева.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот