Бугарските партии која од која позакоравени кон Македонците

Фото : Архива

Пет политички партии сигурно ќе влезат во идниот бугарски парламент, покажува најновата анкета на јавното мислење во Бугарија пред изборите на 5 април, но која и да ја предводи идната влада, тоа нема многу да влијае на односите со Македонија.

До скоро премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски изјавуваа дека очекуваат напредок во разговорите со официјална Софија по тамошните избори, но по бугарското вето за македонските евроинтеграции нивниот став е сличен со повеќето аналитичари – дека политиката на Бугарија кон Македонија е константна со децении и не зависи од избори.

Во Бугарија води ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов за кого би гласале 27, 6 отсто од гласачите, потоа е опозициската Бугарска социјалистичка партија која има поддршка од 24,9 отсто, па растечката „Има таков народ“ на шоуменот и радикал Слави Трифонов со 11,8. Партијата на Турците ДПС има поддршка од 10,3 отсто, а потоа е Демократска Бугарија со 6 отсто.

Цензусот за влез во парламентот е 4 отсто и според агенцијата „Тренд“ кои го правеле истражувањето, овие пет партии сигурно ќе освојат пратеници, а шанса имаат и „Исправи се.бг“ со рејтинг од 4,1 отсто и коалицијата „Обединети патриоти“, во која е ВМРО-БНД на вицепремиерот Красимир Каракачанов, со 4 отсто.

Изборите не менуваат ништо

Според политикологот Благојче Атанасоски, партиско-политичкиот став кон т.н. македонско прашање во Бугарија е непроменет во минатите три децении, а влече корени од времето на комунистичкиот лидер Тодор Живков.

– За жал, во Бугарија може да се смени сѐ, но перцепцијата кон Македонија, нејзиниот јазик и нејзината историја до 1944 година – не! Од сите партии што се очекува да го поминат изборниот цензус и да бидат претставени во новото Народно собрание, нема ниту една со принципиелен став за ненегирање на македонскиот атрибут, во сите негови изведени форми! Има разлика само во тонот, вербалната реторика и дрскоста во изјавите. Обединетите патриоти се најрадикални, што го чувствуваме на својата кожа, но радикални се и јастребите на ГЕРБ, како министерката Екатерина Захариева и европратеникот Андреј Ковачев. Слави Трифунов, кој ќе биде можеби и фактор при создавањето на идната коалициска влада, е ултрапопуларна јавна личност со исклучително негаторски став кон Македонија! Единствено само левицата предводена од БСП и центристичката коалиција Демократична Бугарија може да имаат поблаг дипломатски и реторички пристап, да не даваат официјални навредливи тонови, т.е. да користат културна дипломатска реторика, но и тие се на истата линија на добропознатите официјални бугарски ставови, кои се застапени и во медиумите и во научните кругови (БАН). Исклучок се десетици универзитетски професори и писатели кои ги признаваат македонските позиции, но тие се маргинализирани, за жал, со незначителен инпут – вели Атанасоски за „Слободен печат“.

Пред една недела министерката за надворешни работи Захариева рече дека како никогаш досега во бугарскиот парламент има консензус за односите со Македонија, што за неа е чудо, затоа што било реткост да се толку едногласни за што било, а сличен став имало и целото бугарско општество. Захариева рече дека е погрешна идејата што се негува во Македонија дека нешто ќе се промени по изборите и додаде дека ако се промени, ќе биде на полошо.

Бајден ќе праша за Македонија

Промена во бугарската политика може евентуално да се очекува под притисок на новата администрација на САД, за што предупреди бугарскиот експерт за балкански прашања Владимир Владимиров, кој смета дека претседателот Џо Бајден „ќе праша за ветото на Бугарија“.

– Претседателот Бајден е исклучително добро запознаен со состојбата во Источна Европа и на Балканот. Една од точките на кои ќе се фокусира новата администрацијата во Белата куќа, ќе биде зајакнувањето на источното и на јужното крило на НАТО и ЕУ. Сигурно ќе се дојде и до прашањето за ветото на Бугарија за РС Македонија. Ќе има многу дипломатски разговори и за тоа дали стратешките интереси на регионот треба да бидат заложници на домашните политички игри и на тоа дали Каракачанов ќе влезе во следниот парламент – рече Владимиров за бугарската ТВ+.

Тој очекува појасни и посилни пораки од новата американска администрација.

– Многу важен момент е Македонија, која е една од ретките европски земји што има договор со САД за стратешко партнерство, вклучително и за воена поддршка, уште пред да стане членка на НАТО. Еден од интересите што САД ќе го следат и ќе го помогнат е евроатлантската интеграција на Македонија – вели Владимиров.

Тој додава и дека темата Македонија е многу важна и за Србија и за Бугарија и дека „ако Бугарија ја повлече поддршката за Косово, тогаш Србија може да ѝ помогне во спорот околу С Македонија“.

Претходно поранешниот шеф на бугарската Национална разузнавачка служба, генерал Димо Ѓуров, предупреди дека ги очекува притисок од САД за решавање на спорот со Скопје и порача надлежните добро да ја аргументираат нивната позиција „зашто Американците разбираат аргументи и јасна позиција“.

ПССЕ: Во Бугарија уште има нетолеранција кон Македонците

Во Бугарија уште има нетолеранција кон Македонците, констатира известувачот на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во својот извештај за тоа колку земјите под мониторинг лани ги исполниле своите обврски. Бугарија не постигнала напредок во главните области како корупцијата на високо ниво, слободата на медиумите и човековите права на малцинствата, меѓу кои и на Македонците.

Во извештајот со загриженост се забележува „ендемска нетолеранција кон малцинските групи, особено кон Ромите, муслиманите, мигрантите и барателите на азил, како и на граѓаните што се изјаснуваат како етнички Македонци“. Се наведува дека има наплив на непријателски акти против малцинствата, вклучително и злосторства од омраза и низа антиромски митинзи организирани низ Бугарија.

Со тенџериња против мерките на Борисов – бугарските угостители на протест пред владата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот