Бугарските документи ги обновија македонските расправии

Македонското и бугарското знаме / Фото: МИА

Најавата на новиот министер за надворешни работи во службената влада на Бугарија Николај Милков дека ќе донесат писмен документ со задачи за бугарските институции во врска со билатералните односи со Македонија предизвика шпекулации дека Софија, всушност, повторно сака да ни наметне нови услови. Македонското Министерство за надворешни работи вчера ги демантираше таквите претпоставки и шпекулации.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и по демантот остана неуверена дека Милков мислел само на обврски за бугарските институции и обвини дека се случува „нов дебакл и нов пишан документ со задачи“, па пратеникот Миле Лефков повторно побара владејачката СДСМ на избори да провери колкава им е поддршката, како и да се оди референдум.

МНР: Нема нови документи од Софија со нови услови за Скопје

Министерството за надворешни работи тврди дека нема нови заемни документи меѓу Македонија и Бугарија.

„МНР со внимание го следи процесот на формирање на службената влада на Република Бугарија и развојот на внатрешните и надворешните политики, при што го охрабрува значајниот фокус што се придава на нашите билатерални односи како важен елемент и на новата влада. Сите појавени информации за внатрешната поставеност, за начинот на организација, акциските планови и приоритетите на новата влада се внатрешна работа на Бугарија и тие не претставуваат резултат од меѓусебните разговори“, се вели во соопштението.

Од МНР ги отфрлаат сите наводи дека се подготвуваат нови обврски за двете држави надвор од договорените принципи во меѓусебниот Протокол, кои значат реципроцитет во рамките на преземените обврски и автономија на заедничката комисија за историски и образовни прашања.

Новиот шеф на бугарската дипломатија Николај Милков најави дека бугарското МНР ќе има задача да донесе писмен документ со кој се дефинираат задачите на институциите во Бугарија, со конкретно утврдени обврски во врска со билатералниот дијалог со Македонија.

– Целта е да се постигне систематски пристап, со јасно напишани задачи и одговорности, за да може да се очекуваат резултати. Се надевам дека процедурата за ваква консолидација ќе се одвива и во РС Македонија, каде што нема видлив консензус за ова прашање – рече Милков и додаде дека во Македонија една партија сака, а друга не сака да соработува со нив, па за Софија е поважно да воспостават соработка со државата, отколку со која било партија.

ВМРО-ДПМНЕ оваа најава на Милков ја протолкува како знак дека Бугарија повторно ни испраќа барања за исполнување и ја обвини Владата дека се крие од јавноста.

– Министерот Милков најави писмен документ што ќе ги дефинира задачите на различните институции во односите со Македонија. Ова значи дека написмено ќе се уредат сите тие како што велат „обврски“ за Македонија и тие обврски ќе се однесуваат за македонските институции – рече вчера пратеникот и член на Извршниот комитет на партијата Лефков.

Според него, документот што го најавува Милков ќе биде основата на која Бугарија ќе го оценува напредокот на Македонија кон ЕУ по нивни терк и според кој ќе одобрува (или не) продолжување на преговорите.

– Каде се сега Османи, Маричиќ, Пендаровски и Ковачевски да кажат што содржи овој пишан документ што го најавува бугарската дипломатија? Пак ли ќе се кријат и ќе ја доведуваат Македонија пред свршен чин? – праша Лефков.

По ова реагираа и од СДСМ, укажувајќи дека за само пет години со одговорен и државнички пристап ги реализирале двете најголеми стратегиски цели на државата, членство во НАТО и преговори со ЕУ, со зачуван македонски јазик и заштитен македонски идентитет и дека сега кога паднала прашината од хистеријата јасно се гледаат сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ.

– Нема никаква асимилација и бугаризација. Но, и покрај тоа што се демантирани, од белиот дворец продолжуваат да шират невистини и да измислуваат конструкции за некакви нови договори, за нови услови со кои се обидува да ја вознемирува јавноста. Многу брзо ќе се покаже дека и оваа лага на ВМРО-ДПМНЕ ќе пукне како меур од сапуница. Не е првпат ВМРО-ДПМНЕ да лаже кога станува збор за државните и националните интереси. Оваа партија предводена од Христијан Мицкоски има проблем секогаш кога државата бележи напредок во евроинтеграциите – рече вчера пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски.

Клубот „Иван Михајлов“ никако да „згасне“

Македонско-бугарските односи деновиве ги бранува и откритието на германски медиум дека куќата во која сега е сместен бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ во Битола некогаш припаѓала на еврејско семејство што било депортирано и убиено во фашистичкиот логор Треблинка. Од Еврејската заедница на Македонија во моментот не можат да го потврдат тоа, но за неколку денови ќе се знае дали е вистината страотната информација на германскиот национален ТВ сервис ЗДФ, откако ќе заврши процедурата за проверка што ја покренале во Катастар.

– Не би можел да потврдам дали посочениот објект во минатото бил во сопственост на македонски Евреи. Ние започнавме процедура и очекуваме одговор од надлежната институција. Точно е дека отспротива на куќата се наоѓа објект што е во сопственост на Еврејската заедница на Македонија. Засега немаме конкретна информација, но верувајте дека ќе се потрудиме да ја добиеме – изјави Пепо Леви, претседателот на Еврејската заедница, за Плусинфо.

Телевизијата ЗДФ деновиве објави репортажа „Не по секоја цена во ЕУ“ во која, меѓу другото, Љупчо Горгиевски, директорот на бугарскиот центар во Битола, одговарајќи на прашањето на авторката зарем не е бесчувствително центарот да му се посвети на Иван Михаилов, кој соработувал со нацистите, вели дека таа соработката не била докажана и дека за нив е поважна неговата улога во историјата на Бугарите во Македонија, а историските книги требало да се променат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот