Бугарскиот ѕид кон ЕУ сè потежок за прескокнување

Ќе вроди ли со плод дипломатската комуникација помеѓу Македонија и Бугарија за која зборува министерот за надворешни работи Бујар Османи, ќе превагне ли притисокот од Германија врз Бугарија, на кој деновиве се пожали бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов, или сепак источниот сосед ќе го блокира почетокот на преговорите на нашата земја за членство во ЕУ? 

Остануваат уште 20 дена до самитот на иницијативата Берлински процес во Софија, на кој ќе се сретнат премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов и ќе биде јасно дали се надминати разликите, односно дали Бугарија попуштила од крајната позиција дека Македонците се всушност Бугари,  исто како и револуционерот Гоце Делчев, а македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот и Македонија мора да се согласи со тоа за да остане на европскиот пат.

Од поместувањето на радикалната бугарската позиција, зависи дали двете земји ќе продолжат со изградбата на добрососедството или ќе ги заладат односите, на што деновиве предупреди и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров велејќи дека „оние што сакаат да ни бидат пријатели, треба да прифатат дека сме Македонци што зборуваат македонски јазик“.

Кржаловски: Самите сме си виновни

Аналитичарите што деновиве ги консултира „Слободен печат“ се поделени во ставовите – дел мислат дека Бугарија ќе остане на своето и ќе блокира, а други не веруваат во тоа и додаваат дека и да се случи блокадата, тоа ќе значи само изгубени неколку месеци, а не и крај на евроинтегративниот процес.

Александар Кржаловски, аналитичар и директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, смета дека развојот на настаните не дава многу простор за оптимизам дека во декември конечно ќе ги почнеме преговорите со ЕУ.

– За жал, сметам дека самите за тоа сме виновни со преголемата попустливост во постигнувањето на Договорот со Бугарија и особено со Преспанскиот договор. Сега се чини малку е доцна да се „глуми“ непопустливост на прашањето за македонскиот јазик – наводно, сега нашата црвена линија – бидејќи нашата аргументација се базира на правото на самоопределување, а ние тој аргумент го напуштивме со Договорот со Грција. Имено, прашањето на името на државата е исто така право на самоопределување, а тоа што се согласивме да го промениме по барање на друга држава, на Бугарија ѝ дава за право да побара исто постапување. И се плашам дека нема да се заврши на ова и дека допрва ќе се соочуваме со нови барања, не само од Бугарија, туку и од Грција, нови блокади и ситуации на национално понижување. Не верувам во теории на заговор, но сѐ повеќе сум убеден дека во целава наша ситуација околу Преспанскиот договор, имаше и сè уште има систематски и координиран настап на Бугарија и на Грција, за да се добијат што поголеми отстапки од нас и со тоа си ги потврдат нивните митови и големодржавни аспирации – вели Кржаловски за „Слободен печат“.

Тој гледа проблем и во самите договори со Бугарија и со Грција, во тоа што и самите потписници, како и функционерите и граѓаните во трите земји, имаат различно разбирање за најбитните елементи. Кржаловски вели дека двата договора содржат одредени неодредности, која е позната техника во вакви случаи за да се дојде до договор, но кои понатаму создаваат забуни и овозможуваат различни толкувања од потпишаните страни.

– Дел од тие нејаснотии се гледа и во работата на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, која е ставена под голем притисок и очекувања од Бугарија, за работи што не би ни смееле да бидат поврзани со пристапувањето на Македонија кон ЕУ. Во таква ситуација, очекувано е да нема напредок ниту постигнување на некои компромиси и согласности, меѓу другото и затоа што, за разлика од политичарите, историчарите и другите членови на Комисијата немаат посебна причина за попустливост или за подлегнување на уцени од бугарската страна – вели Кржаловски.

Милошоски: Делчев е договорен

Минатата седмица Комисијата заврши рунда разговори, на која официјално не беше постигнат напредок околу дефинирањето на етничкиот идентитет на револуционерот Гоце Делчев, кој во Македонија се слави како најголемиот национален херој, а соседите велат дека е Бугарин. Но, пратеникот Антонио Милошоски вчера објави дека на тој состанок сепак паднал некаков договор.

„Дипломатски извори во МНР споделуваат дека последниот предлог на официјална Софија е дека премиерите Заев и Борисов за време на предвидената средба на 11 ноември би требало да се согласат на следнава дефиниција: Гоце Делчев е Македонец во регионална смисла на зборот, но во смисла на народно-етничката припадност е Бугарин роден во географската област Македонија. Оваа дефиниција потоа би се применила и на многу други историски личности, како Даме Груев, Никола Карев, Ѓорче Петров, Панко Брашнаров, Киро Глигоров и други. Веројатно ова е една од причините зошто Заев одбива и собраниска и политичка-лидерска дебата околу националните позиции на Македонија во однос на договорот за добрососедство со Бугарија, пред закажаната посета на Софија“, напиша Милошоски на својот профил на Фејсбук.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски деновиве побара лидерска средба, но без претседателот Стево Пендаровски, а премиерот Заев завчера го одби тоа.

– Не гледам потреба од лидерска средба. Особено со човек што нема став за ниту едно важно, национално или стратешко прашање. Македонскиот јазик, македонскиот идентитет и посебност се меѓународно потврдени. Со Бугарија имаме Договор за соработка и добрососедство, кој е потпишан и на македонски јазик. За темите што произлегуваат од него изразуваме волја да ги решаваме преку работата на комисиите кои имаат надлежност за тоа. Мицкоски не е за договор на која било тема, тој бара начин само како да ѝ наштети на државата, особено на процесите што нѐ водат кон ЕУ – рече Заев за ТВ21.

Јорданов: Македонците се Бугари, без таа вистина нема ЕУ

Според поранешниот бугарски амбасадор во Македонија, Александар Јорданов, кој сега е европратеник, Македонците и Бугарите се ист народ и сѐ додека во Македонија тоа не биде прифатено, нема да има напредок кон ЕУ. Тој вели дека заедничката историја создава само заеднички народ и дека народните песни собрани од браќата Димитар и Константин Миладинови се бугарски, Јордан Хаџиконстантинов-Џинот се претставувал како Бугарин, а Илинденско-преображенското востание од 1903 година е настан во бугарската историја.

„Настан од македонската историја е т.н. Втор Илинден од 1944 година или антинародниот, комунистички и пројугословенскиот АСНОМ, по кој антибугаризмот стана официјална државна политика во комунистичката република и почна да се докажува преку масовни убиства и репресии врз Бугарите. Стравот од комунистичката влада и УДБА доведе до тоа многу македонски граѓани повеќе од половина век да не смеат да им ја признаат, дури ни на своите деца, вистината за своето и на нивните предци, бугарско потекло“, напиша Јорданов на Фејсбук.

Тој додава дека има документи за убиства врз Бугарите „извршени од комунисти и србомани“. „Денешните Македонци постепено ќе ја научат таа вистина. Инаку, за нив нема да има ЕУ. Ако го стореа тоа порано, немаше да мораат да го менуваат името на својата држава“, вели Јорданов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот