Бугарскиот премиер Петков денеска официјално ќе поднесе оставка

Кирил Петков/ Фото EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Бугарскиот премер Кирил Петков денеска, според неговите најави, официјално треба да поднесе оставка на владата предводена од него. На владата на Петков минатата недела и беше изгласана недоверба.

Откако тој ќе ја достави оставката, бугарскиот претседател Румен Радев ќе се консултира со пратеничките групи во Народното собрание и потоа ќе даде мандат за составување нова влада.

Според бугарскиот устав, Националното собрание има право да направи три обиди за формирање на кабинет.

Првиот мандат Радев треба да го додели на „Продолжуваме со промената“ како најголема пратеничка група во бугарскиот парламент, која има намера повторно да го предложи Кирил Петков за премиер.

Доколку „Продолжуваме со промената“ не успеат да обезбедат мнозинство и нова влада, претседателот ќе го предаде вториот мандат на ГЕРБ-СДС, која вчера најави дека веднаш ќе му го врати на Румен Радев. Третиот мандат на претседателот на Бугарија избира на која од останатите пратенички групи ќе и го додели.

Доколку третиот обид не успее, Радев назначува преодна влада, го распушта Националното собрание и закажува предвремени избори.

На 22 јуни за недоверба на владата на Петков гласаа 124 пратеници од ГЕРБ, ДПС, Преродба и доскорешниот владин партнер „Има таков народ“ на Слави Трифонов.

За останување на владата беа 115 пратеници од „Продолжуваме со промената“, Бугарската социјалистичка партија, Демократска Бугарија и шестмина независни, кои ја напуштија партијата на Трифонов.

По гласањето, премиерот Петков изјави дека тој и неговата партија ќе испратат писма до сите пратеници во кои ќе ги објаснат принципите и целите на евентуалниот следен мандат. Според него, доколку не одговорат, ќе одат на избори.

Гласањето за недоверба го побара главната опозициска партија ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов. Таа ја обвинува владата за погрешни чекори во областа на јавните финансии и економската политика кои доведоа до галопирачка инфлација.
Петков на функцијата премиер е од 13 декември 2021 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот