Бугарскиот амбасадор во ЕУ: За жал, С. Македонија не ги исполнува критериумите за почеток на преговорите

Румен Александров/ Фото: МИА

За жал, Република Северна Македонија се уште не ги исполнува критериумите за одржување на првата меѓувладина конференција, изјавил бугарскиот амбасадор во ЕУ Румен Александров.

Според него, Албанија мора да се оценува според сопствените заслуги и е подготвена за напредок на патот кон ЕУ. Во однос на Македонија, Александров истакна дека во последните неколку месеци бугарската страна предложила голем број опции за надминување на отворените прашања поврзани со гарантирањето на правата на граѓаните со бугарски идентитет и спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

-Нашите партнери во РСМ треба да преземат конкретни обврски, од кои некои ќе бидат исполнети во краток рок, а останатите ќе бидат меѓу барањата на идната преговарачка рамка. Сѐ додека тоа не се случи, не може да се очекува напредок во процесот на проширување, додаде амбасадорот Румен Александров.

На почетокот на средбата Александров изразил сочувство на роднините на загинатите во тешката сообраќајна несреќа рано утринава на автопатот Струма.

Дека нема промена во ставот на Бугарија за почеток на преговорите со Северна Македонија за влез во ЕУ на денешниот состанок на Советот за општи работи, објави и Бугарското национално радио (БНР).

Бугарското вето останува, иако, според цитираниот дипломатски извор, планираниот остар став на Бугарија, кој требало да биде искажан пред Советот, не бил изразен поради трагедијата на автопатот „Струма“.

Словенечкиот државен секретар за европски прашања, Гашпер Довжан, како што јави дописничката на МИА од Брисел, изјави дека голем фокус на денешниот состанок бил ставен на бугарско-македонскиот спор.

-Ме радува што има општа поддршка за целиот процес, но сѐ уште има билатерални прашања, посебно истакнати од страна на Бугарија. Но се надевам дека до крајот на нашето претседавање со ЕУ ќе успееме да ги решиме проблемите, овој процес мора да биде позитивен, изјави Довжан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот