Бугарски историски гнилеж и ЕУ

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Бугарија на уште потврдокорен начин од она што претходно три децении го правеше Грција, силувајќи ги критериумите за воспоставување добрососедски односи, го наметнува толкувањето на историските митови, како предуслов за поддршка на евроинтегративните процеси во регионот.

Бугарски политичари и интелектуалци често повторуваат дека токму Бугарија, најмногу од сите земји, посакува пристапување на Македонија во ЕУ . Но дури и со најдобра волја, човек тешко може да се оттргне од впечатокот дека ваквото тврдење содржи длабок цинизам и звучи понижувачки.

Бугарија на уште потврдокорен начин од она што претходно три децении го правеше Грција, силувајќи ги критериумите за воспоставување добрососедски односи, го наметнува толкувањето на историските митови, како предуслов за поддршка на евроинтегративните процеси во регионот.

Не изгледа само понижувачки, туку и карикатурално, кога бугарскиот историчар Ангел Димитров на телевизиските снимки со мимика и благи одмавнувања со главата, седнат наспроти своите македонски колеги, им објаснува, меѓу другото, дека заедничката бугарско-македонска комисија не може да направи исчекор напред, доколку “останеме заглавени во десетиот век“. Се разбира, Ангел Димитров и неговите колеги се секогаш подготвени од своите чанти да извлечат присобран историски гнилеж за да го плеснат на маса, тврдејќи дека не може да се зборува за некаков македонски национален идентитет пред да се расчистат „фактите“ од времето на цар Самоил, бидејќи од таквото историографско расчистување зависела денешната „билатерлна комуникација“.

Денешните луѓе, според Димитров, не можат да се разбудат и освестат, а камоли да го осознаат својот “вистински“ национален идентитет, доколку не им се објаснат состојбите од пред илјада години. Се чини би било интересно на бугарскиот историчар да му се постави прашање дали, според неговите сигурни историски извори, постојат јасни сознанија како изгледал секојдневниот живот на цар Самоил и неговите наследници, и дали, на пример, гнилежот во септичките јами во тоа исторско раздобје се складирал на ист начин како и денес?

Факт е дека националниот идентитет е европска конструкација од 19-тиот век, што се коси со митот за нацијата како вечна и природна. Се создава колективна меморија за која се тврди дека стои на непоколеблива и цврста почва, но всушност е променлива. Идентитетите се создаваат преку долготрајни процеси, при што нациите го управуваат своето митолошко наследство преку историографија која го истакнува тоа од што се има полза, кога станува збор за политичките симболи, јазикот и културата, додека другите нешта завршуваат на буништето на историјата.

Националниот идентитет е конструкција, но не значи дека тоа е синоним со лажна измислица, туку е во постојана еволуција. Така е и денес. Напоредно со националните идентитети, се јавува и заедничкиот европски (ЕУ)идентитет, сè уште недоволно оформен, кој Бугарија, излегувајќи на моменти од својот антиевропски национален аутизам, го приграбува само за да ги уценува и притиска своите соседи, од позиција на употреба на вето, обидувајќи се со сила да наметне сопствен модел на добрососедство и соработка.

ЕУ се соочува со сериозни предизвици обидувајќи се да изнјаде избалансиран пристап за да се постави некаква рамнотежа меѓу апетитите и стремежите на националистите и натамошното продлабочување на европската соработка. Бугарија максимално ја користи и злоупотребува таквата нерешетилност на Брисел, терајќи ја упорно водата на својата воденица. Европското „единство во различностите“ за Софија е само здодевна приказна.

Со цел да се создаде посилно европско заедништво, францускиот претседател Макрон сака да спроведе голема трансмисија на власта и политичката моќ од земјите-членки кон ЕУ. Но националистите не се посебно воодушевни ниту со ЕУ, ниту пак со создавањето на европски идентитет, и влечат во спротивна насока, оддалечувајќи се од јадрото на соработката.

Постојат јасни историски примери на создавање и обиди за задушување на национални идентитети. На пример во Каталонија, каде што шпанскиот диктатор Франко со децении се обидувал да го искорени каталонскиот идентитет, забранувајќи ги каталонскиот јазик и култура. Но ефектот всушност бил спротивен, така што нивниот статус постојано се зајакнувал. Се разбира, методите на Франко не се нешто што би можело да се препорача на оние што се залагаат за јакнење на федералните темели на модерна Европа.

Можно е во иднина мнозинството европски граѓани да се идентитификуваат себеси првин со Европа, а потоа со својата националност. Но тоа е сепак процес што сè уште тешко може да се согледа во поблиска иднина. Во актуелните услови, наместо создавање на единствен европски идентитет, според идеите за Макрон за принудно јакнење на европско заедништво, ЕУ би требало да го заштити своето соптвено мото: „Обединети во различностите“. Доколку тоа не се случи, дебатата и понатаму ќе се поларизира со засилување на евроскептичните гласови и ставови, а против што би требало да се борат сите што поддржуваат развој на стабилна Европа.

Во 2004 година се случи досега најголемото проширување на ЕУ, со прием на десет земји во полноправно членство. Во најголем дел тоа беа источноевропски земји, при што чинот на нивен едновремен прием го означи крајот на повеќедецинската поделба на Европа во два блока. Доколку тие земји беа примани една по една и во различни години, тогаш сигурно на површина ќе испливаа бројни „нерешиви“ меѓугранични спорови, историски исклучивости и несогласувања и непризнавања на малцинства.

Брисел, за жал, сега ги затвора очите пред бугарскиот рецепт за (не)градење добрососедство, дозволувајќи го дивеењето на шизофреничниот однос на бугарската политика и историографија кон сопственото минато и европската иднина.

Видео на денот