Бугарски историчар бара да се обелоденат македонските политичари со бугарски пасоши

Бугарски пасоши / Фото: Архива на „Слободен печат“

Би било добро Министерството за надворешни работи на Бугарија во даден момент да ги објави имињата на оние општествени или политички дејци во Северна Македонија кои навистина имаат бугарски пасоши, порача бугарскиот професор Светлозар Елдеров, историчар од Институтот за балканистика на Бугарската академија на науките.

Повод за неговиот предлог се обвинувањата во кампањата за локалните избори во Северна Македонија, кога причина за тоа стана наводно поседување на бугарско државјанство и лична карта од страна на еден од кандидатите во изборната трка.

– Во случајот со Данела Арсовска беа покажувани некакви лични карти и таму едната страна одрекуваше, а другата инсистираше. Мислам дека нашите власти не можат да ја остават без последици таа шашма со симболите на бугарската државност. Во практика, или е вистина, или е лага. И во двата случаја бугарското министерство мора да направи нешто. Политичките лидери за кои се говори некаде јавно, а некаде неофицијално – дека имаат пасоши – треба или сами да излезат и да кажат, или бугарското Министерството за надворешни работи да го направи тоа наместо нив. Бидејќи, да си Бугарин и да имаш бугарски пасош и бугарско државјанство, кога законот тоа го дозволува, не е конспирација, туку чест, достоинство и законско право, потенцира Елдеров во интервју за бугарското Радио „Фокус“.

Замолен да прецизира дали смета дека бугарското МНР треба да излезе со таков податок само за Данела Арсовска, тој вели дека кругот треба да биде многу поширок.

– Не само за неа. Сите македонски лидери, политичари, новинари, кои се активни во јавниот простор во Северна Македонија и имаат бугарска лична карта, или да го изјават тоа лично, или бугарското МНР да го направи тоа наместо нив, за да не се дава повод бугарското државјанство да се користи во политичката борба во Северна Македонија како нешто нелегално, нешто грозно, нешто ужаснувачко, безмалку како национално предавство. Тоа е мојот предлог, вели Елдеров.

Промена кон полошо

По „бугарската епизода“ во кампањата за локалните избори, Елдеров не е оптимист дека односите меѓу Скопје и Софија ќе тргнат во подобра насока.

– Ако има некаква промена, таа ќе биде само кон полошо. Каква позитивна промена може да очекуваме, кога таму, бугарскиот пасош, официјален документ и симбол на бугарската државност, се користи за компромитација во политичката борба? И ако тоа се прави во однос на видни политички личности, лидери на партии, кандидати за градоначалници, може да си претпоставиме што значи тоа за обичните луѓе кои имаат бугарски пасоши, имаат желба јавно да се декларираат како Бугари. Така што, последните локални избори во Република Северна Македонија за нас би требало да бидат нешто како откровение, кое потполно го разобличи лицето на сите, на тамошната политичка класа. Зашто тој, кој обвинуваше и го нарекуваше бугарскиот пасош ‘компромитација’, доаѓаше во Бугарија, се сликаше пред спомениците, се прегнуваше со нашите политичари и со тогашниот премиер. И ова нема да избледи толку лесно, вели Елдеров.

Тој потенцира дека над 100 000 граѓани кои имаат бугарски пасоши, сигурно не би се чувствувале удобно ако ги стават во категоријата предавници и непријатели на македонската држава и кауза.

Прашањето за односот кон лицата со двојно државјанство, не е ново, но во земјава доби внимание по разгорувањето на спорот со Бугарија.

– Лесно е да кажеме сите – аман нека нема двојни државјанства – гледано низ дискурсот на моментот на разговорите со Бугарија. Ама, притоа заборавивме дека има повеќе од 2 милиона наши жители надвор низ светот, тоа е наша дијаспора, тоа се огромни афирматори на македонштината и на македонскиот народ и држава, рече премиерот Заев пред една година.

Запрашан – дали би поддржал законско решение со кое би се регулирала обврска македонските функционери задолжително и транспарентно да декларираат дали имаат повеќе од едно државјанство, тогаш изјави дека Владата не размислувала за тоа, и дека треба да има дискусија за да се слушне мислењето на јавноста.

Клуч за отворање на Уставот

Една година подоцна, фокусот на бугарскиот интерес е најмногу ставен токму врз правата на граѓани на Северна Македонија кои се декларираат како Бугари и запирањето на јазикот на омраза.

– Македонските Бугари мора да бидат единствени во име на заедничката цел – да престане дебугаризацијата, да им се остварат правата и рамноправноста преку Уставот, преку законите и пописот, а најмногу преку практични дејствија. Уставот на Бугарија ги обврзува бугарските институции да ги заштитуваат своите граѓани како во Бугарија, така и во странство. Конкретно ова прашање е вградено и во член 11, став 4 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, порача бугарскиот претседател Румен Радев на средбата со организации на македонските Бугари на 27-ми октомври.

Министерот на надворешни работи, Бујар Османи, изјави дека писмено барање за внесување на Бугарите во Уставот не е добиено досега, а премиерот Заев – дека сме подготвени тоа да го направиме по примерот на Хрватска, непосредно пред влезот во ЕУ.

– Очигледно, одговорот на Заев не беше задоволителен за официјална Софија, тие побараа веднаш да се разговара на таа тема, изјави вчера за ТВ 21 специјалниот пратеник на македонската влада за Бугарија, Владо Бучковски.

– Но, јасно му е веројатно и на Радев, јасно му е и на службениот министер за надворешни работи, дека кај нас за промена на Уставот, ако сега ја почнеме и ја завршиме до година, ни треба двотеретинско мнозинство. Јасно е во овој момент дека без гласовите на опозицијата тоа не е можно, рече Бучковски.

Преземено од Дојче веле