Бугарската кампања допрва ќе отвора прашања

Изјавите на бугарскиот државен врв дека на граѓаните со бугарско државјанство им се ускратени правата и дека им треба заштита се во служба на тамошните парламентарни избори на 4 април и кампањата што почнува, оцени вчера специјалниот пратеник на македонската влада Владо Бучковски, а неговото мислење го делат и аналитичари.

Благојче Атанасоски вели дека во пресрет на изборите можеме да очекуваме сè порадикални, понеумесни и поневеројатни изјави од сите политички чинители кај нашиот источен сосед, а особено од крајнодесничарските.

Според Бучковски, средбата на бугарскиот претседател Румен Радев со безбедносните служби, со цел заштита на македонските Бугари, е кампања, затоа што била заснована на писма на невладина организација. Од друга страна, Бучковски за контроверзните предлози на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски вели дека заслужуваат аргументирана расправа.

– Претседателот Радев со претставниците на безбедносните служби се сретнал по писмото дека оние што се декларираат како Бугари имале проблеми со власта во Македонија и биле изложени на притисоци што говори дека постои можност прашањето за односите на Македонија и Бугарија да бидат дел од изборната кампања, но не верувам дека интензитетот ќе биде таков што тоа ќе биде преовладувачка тема. Во оваа фаза, Македонија е главниот адут што го користат и власта и опозицијата, убедувајќи нè дека независно од резултатите на изборите, политиката на која било влада ќе биде иста – рече Бучковски во „Утрински брифинг“.

Атанасоски: Националните теми – душевна сатисфакција

Атанасоски вели дека темата ,,Македонија“ им е главен резервоар на црпење на гласови, а со тоа и легитимитет.

– И оваа изјава за ,,непочитување“ на бугарските граѓани не треба да ја поимаме како нешто запрепастувачки, бидејќи одвај нешто остана што може да нè запрепасти! Секако дека е во насока на предизборниот политички фолклор, со кој се сака да се држи темата за ,,македонското прашање“ на пиедесталот и од неа да се ,,ловат“ гласови, свесно занемарувајќи ги реалните проблеми кои бугарските граѓани ги тангираат: огромната корупција, организираниот криминал, невработеноста, бесперспективноста и масовното иселување. За жал, на Балканот како давеник за сламка граѓаните секогаш се фаќаат за болните национални теми, како еден вид душевна сатисфакција од мизерниот живот што го живеат со квалитет на животот што е далеку под европските стандарди – вели Атанасовски за „Слободен печат“.

Бучковски вели дека се фаќаат во дневната комуникација со бугарското МНР се обидуваат да демантираат дел од тврдењата за евентуалните проблеми што ги имаат Бугарите во Македонија.

– Сето тоа остава впечаток дека континуирано има проблеми. Има една тенденција постојано дел од нашите сограѓани кои се декларираат како Бугари да изразуваат незадоволство од третманот кој го имаат. Посебно во овие неколку месеци по блокадата на нашите ЕУ-интеграции. Но мислам дека сфаќаат дека ова не е преовладувачката атмосфера кај нас. Проблемите се дефинитивно во изгубената доверба. Ние сме искрени во намерите да го испочитуваме договореното од 1 август 2017 година. Се обидуваме со неколку потези да ја вратиме довербата. Сега сме во фаза, мерките на градење доверба да ги спроведеме на дело. Вчера беше потпишан договорот помеѓу Македонскиот телеком и Бугарската национална телевизија. Се надевам дека утре ќе биде присутна бугарската национална телевизија и ќе биде добро и пошироката македонска јавност да се запознае со политиките на главните политички фигури во Бугарија – вели Бучковски.

Бучковски:  Ставови на Георгиевски заслужуваат внимание

За ставовите на Георгиевски тој рече дека тие не се ставови на Владата и не се дел од македонската стратегија.

– Ова не се нови ставови на Георгиевски. Тие заслужуваат внимание и аргументирана расправа. Нам ни треба подготовка на домашната јавност за темите кои ќе се наметнат во периодот кој претстои, а тоа се темите за заедничката историја. Имаме кристално јасна позиција на македонскиот јазик и идентитет, односно на реалноста. Признавањето на реалноста дека постојат различни народи што говорат различни јазици. Од друга страна е инсистирањето од бугарска страна дека треба да се соочиме со заедничката историја, а не само да повторуваме дека имаме заедничка историја. Што е тоа од заедничката историја според договорот, кои се тие настани и личности? Еден е ставот на Георгиевски, друг е да речеме ставот на МПЦ, која во ноември 2017 повикувајќи се на заедничката црковна историја побара БПЦ да биде црквата мајка. При правењето анализа кога дојде до поместување на бугарските позиции, јас одбирам два момента: прво е пропуштената шанса БПЦ да биде црква-мајка, кога силно дојде до израз влијанието на Руската православна црква на синодот на БПЦ. Второ е склучувањето на Преспанскиот договор, по кој Софија мисли дека Грците во преговорите со нас добија многу повеќе отколку што тие го имаат со Договорот за пријателство – вели Бучковски.

Захариева: Откако станаа членка на НАТО, почна недоследното исполнување на Договорот

Министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева вчера обвини дека на Бугарите во Македонија им се одбива правото на самоопределување.

– Ние сме многу доследни во политиката. Некои луѓе таму беа многу изненадени што кажавме „не“ за преговарачка рамка. Позицијата на Бугарија сепак е иста од 2019 година, сметаме дека има забавено исполнување или недостиг на исполнување на задачите од Договорот за добрососедство од македонска страна. Претходно имаше раздвижување во сите сфери, но откако станаа членка на НАТО, почна недоследното исполнување – рече Захариева.

На прашањето за бугарските државјани, таа рече дека тие 100.000 луѓе во Македонија често се заплашувани.

– Ние реагираме за секој случај и се надеваме дека тоа нема да се повторува. Повеќе од 100.000 граѓани имаат и бугарско државјанство и понекогаш се заплашувани. Недопустливо е во 21 век да не се признаваат права на самоопределување – рече Захариева.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот