16 C
Скопје

Бугарите се плашат од нов „Преспански“ договор

пишува: САШО ОРДАНОСКИ

Не сум сигурен зошто овдешните реакции на предлогот на Љубчо Георгиевски за „компромис“ со Бугарија се толку хистерични?

Георгиевски одамна не крие дека се чувствува за македонски Бугарин и нормално е што неговите предлози ќе ја одразуваат и ќе ја унапредуваат таа идеолошка позиција. Човекот е консеквентен сите овие години, уште од распадот на Југославија, преку поддршката на предлогот за поделба на Македонија во 2001 година, до сегашниот прагматичен пристап за македонското продолжување на евро-интеграциите по бугарски терк. Георгиевски е со право загрижен дека доколку во скоро време не се направи некаков пробив во нашата евро-агенда, не само што ќе останеме блокирани од Софија на подолг период за наше напредување кон Европа, туку бугарско-македонските односи и авансирањето на бугарската агенда во внатрешната политика на Македонија – за сметка на компетитивните агенди од север и југ – ќе се урниса барем за оваа генерација Македонци. А, веројатно, и прилично засекогаш.

Тоа, разбирливо, нему не може да му биде сеедно, од истите причини заради кои не ѝ е сеедно ни на политичката елита во Софија. Бугарската власт (патем, како и нашата опозиција) остана стаписана, а и комплетно парализирана – со оглед на силината на меѓународната поддршка – од наглиот развој на македонско-грчките односи со постигнувањето на Преспанскиот договор. Се чини дека тоа, на еден или на друг начин, му го имаат соопштено и на Заев. Можно е, потоа, Заевите гушкања и целивања со Борисов, во Софија да ги имаат погрешно протолкувано, во смисла на неговата идна флексибилност за компромис по линијата што ја предлага Георгиевски; а можно е и Заев да ја има потценето заканата за блокада од Софија, која на крајот се „материјализираше“ со европско вето за нас.

Прочитајте и...  Адеми: Албанската опозиција манипулира со бројот на лицата кои немаат државјанство за да добие ситни политички поени

Во тој процес, Бугарите – во соработка со различни струи во и околу ВМРО-ДПМНЕ – вложија голем напор да го дискредитираат Никола Димитров, оценувајќи дека со елиминацијата на неговото политичко влијание ќе го ослабнат Заев и полесно ќе го „препарираат“ за прифаќање на некој вид од предлозите што сега ги нуди Георгиевски. Со сите маневрирања и провокации што дојдоа од Софија – а и самиот Георгиевски е на став дека дуетот Захариева/Каракачанов многу „се претера“ – таа бугарска замисла пропадна. Бидејќи ни Заев ни „свети Заев“ таа агенда не може (а и не сака!) да ја потпише во Македонија.

Некаде во меѓувреме, Бугарите се обидоа во повеќе наврати и да го срушат Заев од власт. Деликатно „везеа“ неколку операции на линија на тоа барем да ја заслабат владата во Скопје, па и тоа им пропадна. Претпоставувам дека пораката од Софија е: „Извини, Заев, ништо лично, само сакаме да ја постигнеме нашата цел!“

Прочитајте и...  ВИДЕО | Професор Наумовски: Спречени се обидите за финансиска диверзија врз банките

Во таа насока, сегашните предлози на Георгиевски не прават никакво унапредување на софиската агенда во Македонија, туку само ги дезавуираат напорите на Османи и Бучковски да се „стави ред“ во високо-подигнатите емоции меѓу Софија и Скопје. Можно е Бугарија, со право, да проценила дека процесот почнува да се одвива во за нив неприфатлива насока: откако меѓународно се посрамотија и останаа осамени со билатералното вето за Македонија (и за Албанија), притисокот врз нив од Брисел и Вашингтон може само да расте во насока на компромис, ама не со максималистичката агенда „à ла Георгиевски“.

Тие сега се соочуваат со тежината на сопственото вето: тоа има многу поголема смисла за страната која со вето се заканува, додека се заканува – отколку кога ќе го спроведе, бидејќи тежината на докажувањето на оправданоста на ветото паѓа врз нив. А нивните аргументи за ветото доживеаја понижувачки меѓународен дебакл.

Прочитајте и...  137 санкционирани возачи во Скопје: 49 за брзо возење

Всушност, официјална Софија почнува да се плаши дека, кога-тогаш, постигнатиот македонско-бугарски договор ќе биде налик на Преспанскиот, што е нешто што е суштински спротивно од националистичките бугарски, а и македонски агенди. Затоа сега им се брза, за да не стигнат до точката од која, за нив, ќе нема „меѓународно“ враќање.

Парадоксално, колку и да е голема штетата за нас од блокирањето на нашата европска иднина, времето никако не работи во бугарска корист. Тоа Љубчо Георгиевски – една од двете „икони“ (втората е Никола Груевски) на ВМРО-ДПМНЕ – добро го сфаќа.

Преземено од civilmedia.mk

Поврзани вести

ЕУ воведе санкции за официјални лица во Иран: Техеран одговори со прекинување на соработката

Слободен печат

Американската амбасада во Сараево нема да шпекулира за наводни изјави за територијални поделби

Слободен печат

Дачиќ: Не бев близок со семејството Милошевиќ, но не бев предавник

Слободен печат

77-годишен могилчанец уапсен откако им се заканувал на соселаните со пиштол

Слободен печат

Лукаревска: Најостро демантирам дека Дејан Смилевски имал каква било допирна точка со МојДДВ

Слободен печат

Рашковски вози џип вреден 74 илјади евра кој не фигурира во неговиот анкетен лист

Слободен печат

Остави Коментар