Бугарите ќе влезат во Уставот кога ние ќе влеземе во ЕУ!

Устав / Фото: МИА

Ние немаме проблем да ги додадеме и Хрватите и Црногорците и Бугарите и други доколку мислат дека треба да бидат додадени. Но, секако тоа не треба да значи дека во моментот ние треба да го отвораме Уставот поради овие прашања, рече вчера премиерот Зоран Заев.

И покрај најновите обвинувања за асимилација и дебугаризација искажани од бугарскиот претседател Румен Радев на Самитот во Словенија, македонскиот премиер Зоран Заев е уверен дека може да се најде решение со Софија до крајот на декември затоа што „различностите не ни се толку големи и имаме должност да отвораме иднина, а не да бидеме заглавени во минатото“.

Според министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, барањето на Радев Бугарите да влезат во македонскиот Устав за нас не е проблематично, а за нив значи дека „се откажуваат од нерационалната позиција за еден народ во две држави“.

Според премиерот, Декларацијата што беше усвоена завчера на Самитот во Брдо е прецизна, зборува за проширувањето во сите детали, а така прецизна претходно била во 2003 година на Солунскиот самит.

– Оваа прецизна Декларација на лист хартија не ни значи нам ниту на Албанија, ниту верувам на останатите четири земји од Западен Балкан. Затоа треба да има дело. Наша главна стратешка аспирација е полноправното членство во ЕУ, а стратешка цел на надворешната политика на ЕУ е Западен Балкан, затоа што едни со други сме поврзани, економијата ни е поврзана – рече вчера Заев.

Премиерот потенцираше дека ние сме во Европа и нема бегање од тоа, зборувајќи дека не е можно да се менаџираат евентуални бегалски кризи без Северна Македонија и без Албанија и дека не може да се испорача струја од Грција кон Унгарија и Хрватска без да помине низ Западен Балкан.

На новинарско прашање дали препознал искрен обид кај канцеларката Ангела Меркел и претседателот Емануел Макрон за решавање на спорот со Бугарија, премиерот рече дека никогаш претходно не ги видел така настојчиви, прецизни и јасни како додека разговарале со него и со Радев во Крањ.

Заев рече дека очекува Советот за општи работи во декември да ја донесе одлуката за усвојување на преговарачката рамка за РС Македонија, во која пишува дека преводот на акито ќе биде на македонски јазик, а веднаш потоа до крајот на годината да биде закажана првата Меѓувладина конференција со која официјално ќе почнат преговорите за членство.

Тој се согласува со министерот Османи дека вклучувањето на Бугарите во Уставот на Македонија не е пречка, но не можеме да бараме реципроцитет. Заев рече дека при пристапувањето во ЕУ, земјите при отворањето на Уставот ги додаваат и другите етнички заедници освен мнозинската.

– Ние немаме проблем да ги додадеме и Хрватите и Црногорците и Бугарите и други доколку мислат дека треба да бидат додадени. Но, секако тоа не треба да значи дека во моментот ние треба да го отвораме Уставот заради овие прашања. Јас верувам дека ќе биде доволно за Бугарија ако бара таква работа од аспект на преговарачкиот процес што го имаме. Треба сите да знаат дека нема проблем во Република Северна Македонија да бидат номинирани и други етнички заедници во Уставот – рече Заев.

Завчера по самитот премиерот рече дека тврдењата на бугарскиот претседател Румен Радев за дебугаризација и тивка асимилација на Бугарите во Македонија се навреда за Македонците и дека Радев не разбрал дека треба да гледа во иднината.

Министерот Османи вчера истакна дека шесте точки од патоказот што треба да се усвои во ноември, за кои зборуваше Радев, се исти за кои и досега е зборувано – прашањето на краткото и долгото име на земјата, прашањето на говорот на омраза, рехабилитацијата на жртвите на комунизмот, работата на историската комисија, прашањето на немешање во внатрешните работи на Република Бугарија на коешто се надоврзува и прашањето за вклучување на Бугарите во Уставот.

Според Османи, не е можен реципроцитет по однос на вклучување на македонското малцинство во Уставот на Бугарија бидејќи станува збор за две различни уставни уредувања, односно Бугарија, за разлика од нас, не препознава организирање на граѓаните врз основа на етничката припадност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот