Бугарите ја споредуваат Македонија со Северна Кореја!?

Нападите од бугарските политичари и интелектуалци деновиве стануваат сѐ посилни и стасаа дотаму што Македонија ја споредуваат со Северна Кореја, што македонската страна веќе стандардно го коментира како дел од кампањата за тамошните парламентарни избори во април и го премолчува.

Според министерот за надворешни работи Бујар Османи, Бугарија веќе има кристализиран став дека не ги спори идентитетските атрибути. Министерот Османи вели дека за соседите е проблематично нашето толкување на историјата, а Македонија како добар сосед ќе направи корекции на наративот во учебниците, со кој целиот бугарскиот народ се нарекува фашистички.

– Нашите црвени линии за идентитетските карактеристики како јазикот, народот, етничката припадност се јасни и бескомпромисни и драго ми е што Бугарија не ги спори. За да пристапите кон проблем, треба добро да го дефинирате, постојат различни перцепции и кај нас, и во Бугарија, и во ЕУ. Ние не разговараме за идентитетските атрибути, прашањето што го отвори Бугарија се историската основа на тие атрибути. Наш став е дека за историјата може да разговараме во функција на образованието и во коригирање на стереотипите кои ги прикажуваат нашите народи како непријателски – вели Османи за МИА.

Според него, треба да се работи на учебниците и „карактеризациите од минатото“ кои ги повредуваат чувствата на бугарскиот сосед, како употребата на епитетот фашистички.

– Конкретната политичка ориентација на една елита од минатото не може да ни ги зароби односите со соседите и ако тоа е навредливо за Бугарија, нема да прифатам нешто што е навредливо за соседите, дури и ако сум во право. Тоа е најнормално помеѓу два соседа – изјави Османи.

И бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов со последната изјава ги потврди зборовите на министерот Османи, велејќи дека не спорат дека денес има Македонци, туку нешто друго.

– С Македонија се обидува да ја изнесе лагата дека Бугарија наводно се обидува да им го одземе правото на самоопределување на Македонците. Не ги принудуваме да го сменат својот идентитет и јазик. Им кажуваме да се нарекуваат како што сакаат. Македонци. Но, не треба да кажете „јас се нарекувам Македонец, затоа што Гоце Делчев беше Македонец или цар Самуил беше Македонец“ – вели Каракачанов.

Бугарскиот професор Кирил Топалов, кој е член на мешовитата историска комисија, вчера за БТВ изјави дека „Република Северна Македонија е Северна Кореја на Балканот“.

– Тешко е да се дојде до научната вистина. РС Македонија е во многу поостра ситуација во цензурата отколку што бевме во времето на Тодор Живков. Никој нема пристап до архивите. Само определени, „наши луѓе“ имаат пристап и сѐ друго што е претставено пред јавноста, па и пред научниците, е фалсификувано – вели Топалов.

Османи: ЕУ создаде опасна непредвидливост на Западен Балкан

Неуспехот на ЕУ да го продолжи процесот на проширување има опасна последица за целиот Западен Балкан, а тоа е големата непредвидливост во регионот во однос на ЕУ перспективата, оцени министерот Бујар Османи, кој два дена помина во официјална посета на Луксембург и Белгија.

– Последицата е што регионот влегува во голема непредвидливост во однос на ЕУ перспективата. Не успеа преговарачката рамка за С. Македонија, но ни заклучоците за регионот, така што целиот регион влегува во непредвидливост, а во овие околности непредвидливоста е поопасна од негативен исход, затоа што тешко се подготвувате и се браните од непредвидлив период. Ние инсистираме на предвидливост – вели Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот