Бугарија со „шипак“ на Европа

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Едно е сигурно, ние ќе имаме договор за добрососедство, но никогаш нема да имаме добри соседски односи со Бугарија. Барем не со ваква и слични бугарски Влади.
Не знам како ќе копретседаваме со Берлинскиот процес, кога сме заглавени во идентитетски дубиози.
Бугарите не само што сакаат да ја понижат Македонја и Македонците, туку се на пат да ја засрамат и Германија и да ја повлечат во амбис цела Европска Унија. Ете тоа е можен резултат на тврдоглавото бугарско уценување на Македонија, за јазикот, за етничката припадност, за корените, за Гоце…
На глупостите на Владата на Бојко се крена цела европска интелектуална, експертска и политичка јавност: Флориан Бибер, Гералд Кнаус, Карл Билт, Франкфуртер Алгемајте Цајтунг и други европски медиуми, како и политичките претставници на повеќе европски земји. И Европската Комисија уште еднаш потврди дека е подготвена да препорача отворање на преговорите со Македонија, врз база на исполнување на условите.

Бугарија на сите им покажува среден прст, или – шипак.

Затоа и итно ги повикаа двете страни токму во Берлин на муабет, може ли да има компромис до декември кога треба да се одржи првата заедничка конференција меѓу ЕУ и Македонија или не. Бугарската шефица на дипломатијата наводно отишла со „цврсти“ ставови за непопустливост. Па може ли таа да има поцврсти црвени линии од ОНИЕ со кои нашите отишле во Берлин, и со кои ќе се вратат во Скопје. Со се помалку од тоа, подобро и да не се враќаат.

За десетина дена ќе се одржи Брлинскиот процес. Овој пат во Софија, а за прв пат како копретседавач се вклучува една земја кандидатка за членство во унијата-Македонија. Значи таа и Бугарија ќе претседатваат во тандем. Во тандем значи дека треба да бидат усолгласени до максимум во изведбата. Како во танго.
Но како тргнаа работите Бугарија игра како со две леви нозе и постојано не гази, клоца и сопнува, без пардон. Нема да биде изненадување ако во Софија, бугарскиот Берлонски процес заврши со фијаско. Изгледа Бугарија не ја разбрала играта па игра некое бугарско соло-танго заслепена од самобендисаноста.
Но овој пат нема да помине лесно. Ова е седми по ред Берлински процес и од Бугарија се очекува да испорача резултати во приближувањето на земјите од западен Балкан до ЕУ. Тоа всушност и беше идејата на германската канцеларка Ангела Меркел кога во 2014 го иницираше овој процес. Кога беше лансиран пред шест години, идејата беше тој да отвори нова динамика за регионална соработка и приближување на Западниот Балкан до ЕУ.

Иницијативата вклучува шест земји од Западен Балкан кои се кандидати или потенцијални кандидати за членство во ЕУ и некои членки на ЕУ, т.е. Австрија, Бугарија, Хрватска, Франција , Грција, Германија, Италија, Полска и Словенија и една трета земја, Обединетото Кралство.

Берлинскиот процес е иницијатива за меѓувладина соработка насочена кон ревитализација на мултилатералните врски помеѓу Западен Балкан и избраните земји-членки на ЕУ и подобрување на регионалната соработка на Западен Балкан за прашањата на инфраструктурата и економскиот развој. Неговата цел е да се консолидира и одржи динамиката на процесот на интеграција во ЕУ во светло на зголемениот евроскептицизам и петгодишниот мораториум на проширувањето објавен од претседателот на Комисијата Jeanан Клод Јункер.
Истата таа Софија во својата Декларација од Самитот ЕУ-Западен Балкан одржан на 17 мај 2018 се обврза да се фокусира на подобрување на врските со Западен Балкан и во рамките на самиот регион. А тоа значи зголемена политичка стабилност, економски просперитет, културен и социјален развој во регионот и пошироко.
Наспроти тоа Бугарија се закочи во решавање на своите историски комплекси преку грбот на Македонија, прикажувајќи се како типична балканска држава од 19 век. Затоа и европскиот извештај за неа е како за земја кандидат, полн, со забелешки за корупција, за владееење на правото, за слобода на медиумите.
Од своја страна Македонија со чуство на европски дипломат ниту еднаш не покажа нетрпение, револт или бес, иако имаше наплив на емоции кај сите во државата. Затоа почитувани министри
одете во Берлин смирено како и досега. Одете со штитот на вистината за Македонија. И без него не се враќајте.
Без Бугарија и без ЕУ можеби ќе преживееме, ама без сопствениот идентитет- никако.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот