Бугарија си создава малцинство и во Албанија

Според претставниците на македонските асоцијации, во Албанија живеат повеќе од 120 илјади етнички Македонци, а Бугари нема. Официјалната бројка ќе се знае следната година откако ќе бидат објавени резултатите од пописот што ќе се спроведе во октомври.

Бугарија врши асимилација на македонското малцинство во Албанија, меѓу другото и со продажба на бугарски пасоши, но освен Македонци, пасоши купуваат и Албанците, а тој бизнис е поисплатлив од правење хашиш, зашто една патна исправа сега чини од 15.000 до 20.000 евра, велат Македонците во Албанија.

Проблемот со малцинските права во Албанија деновиве повторно се актуализира откако здруженија на Бугари во оваа земја побараа од тамошната Комисија
за територијална реформа да се формира посебна општина Голо Брдо, како општина на бугарското малцинство.

Пратеникот во албанскиот Парламент од Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, вели дека Албанци по националност плаќаат и по 20 илјади евра за еден бугарски пасош кој, всушност, е билет за бегство во ЕУ. Тој нема информации колку бугарски пасоши се издадени во Албанија во последните години, но посочува дека „повеќето од нив ги имаат земено Албанци, а не Македонци“.

– Тоа е присутно последниве години, овие две-три години. Кој зел, си заминал на запад заедно со семејството – вели Стерјовски за МИА.

Ова го потврдуваат и жители на Голо Брдо, кои се жалат дека нивната област, заедно со Гора, се најсиромашни во Албанија и тие живеат без соодветни патишта, водовод или можности за вработување, па поради сиромаштијата се принудени да земат бугарски пасош за да обезбедат егзистенција во некоја западноевропска земја.

Бугарија ѝ се меша на Албанија во внатрешните работи

Стерјовски предупредува дека однесувањето на Бугарија е мешање во внатрешните работи на Албанија, од каде, пак, нема никаква реакција.

– Македонското малцинство се чувствува загрозено. За жал, немаме одговор од албанската држава за сета оваа бугарска пропаганда што се одвива во областите со македонско малцинство. За нас активноста на Бугарија, која со методите на 19 век се обидува да асимилира, е мешање во внатрешните работи на Албанија. Како пратеник, многупати сум ја искажал оваа загриженост, особено за работата на бугарската амбасада и активностите што ги спроведува за асимилација на Македонците. Побарав реакција од албанските институции, но, за жал, за Албанија приоритет беше отворањето на преговорите за членство во ЕУ и да нема проблеми со Бугарија и остави слободно да се шири оваа бугарска пропаганда – вели Стерјовски.

Албанските власти признаваат статус на малцинство во Општина Пустец и Врбник, но ако тие жители ја напуштат областа и се населат во друг дел на земјата, во граѓанската евиденција автоматски стануваат Албанци. Во Голо Брдо, каде што сега освен македонското, и бугарското малцинство бара посебна општина, било признаено македонско малцинство до педесеттите години од 20 век и имало настава на македонски јазик. Освен во областа Голо Брдо, во округот Пешкопеја, Македонците уште од 2014 година бараат нова општина во областа Гора во округот Кукс, како и Општина Пустец, која сега е единствената македонска општина, да се преименува во Преспа, бидејќи Пустец е само едно од деветте села, а во областа е дури 90 отсто од територијата на Националниот парк „Преспа“.

– Го поздравуваме формирањето на специјалната собраниска комисија за новата територијална реформа и се надеваме дека ќе се прифатат нашите барања. По територијалната поделба во 2014 година, Владата ги укина општините Требиште, Острени и Стеблево во областа Голо Брдо, за првите две да ги приклучи кон Општина Булќиза, а третата кон Либражд, како и општините Шиштавец, Топојан и Запот во областа Гора, кои сега потпаѓаат под Општина Кукс. Македонците од двете области денес се најмалку претставувани, зашто немаат ниту еден член во општинските совети на Булќиза и Кукс, а на прсти може да се избројат оние што се вработени во локалните самоуправи. Нема речиси никакви инвестиции, па и натаму нема водовод, канализација, патишта, електрична енергија – вели за МИА Едмонд Османи, потпретседател на македонското друштво „Мост“.
Инаку, Македонците во Албанија веќе три децении чекаат одговор на барањето да се признае статус на малцинство на целата територија на Албанија.

Во Албанија живеат повеќе од 120.000 Македонци

Според претставниците на македонските асоцијации, во Албанија живеат повеќе од 120 илјади етнички Македонци. Официјалната бројка ќе се знае следната година, откако ќе бидат објавени резултатите од пописот што ќе се спроведе во октомври. Тие се категорични дека во Албанија нема бугарско малцинство и дека на ниеден досегашен попис таму никој не се изјаснил како Бугарин.

– Во областа Преспа, во 2011 година кога беше спроведен пописот и во селото Врбник во Деволската област, 100 отсто се изјаснети како Македонци. Бугарска заедница во Албанија значи проект на Голема Бугарија. Проблемот е повеќе поврзан со Македонија. Бугарија не ја признава македонската нација. Секаде каде што има Македонци, таа тврди дека се Бугари и сега ја шири својата пропаганда во областите во Албанија – вели Стерјовски.

Како доказ дека во Албанија нема Бугари, жителите на овие региони го посочуваат и фактот што на последните избори за пратеници во Бугарија, за гласање во амбасадата во Тирана биле пријавени само вработените во неа. За нив, тоа што Албанија го призна бугарското малцинство е чин сторен под уцена дека Софија ќе ѝ стави вето на Тирана во Брисел.

Според албанскиот Институт за статистика, во пописниот формулар ќе постои графа на која граѓаните на пописот ќе може да ја искажат по своја волја, етничката и верската припадност. Формуларот ќе биде поделен на два столба, со задолжителни и незадолжителни прашања.

– На прашањата за етничката и верска припадност, одговорот не е задолжителен. Даваме можност секој поединец слободно да одговори или не. Тоа е со цел да се избегнат многуте дебати што беа присутни при претходните пописи – објаснуваа од институцијата.

Според пописот од октомври 2011 година, Албанија има 2.891.977 жители, од кои со постојано место на живеење се 1.421.810 жители, а другите се со престој во странство до една година. Пописот тогаш го бојкотираа припадниците на малцинствата, но попишувачите ги попишуваа врз основа на податоците од матичните служби на населеното место. Според резултатите, во Албанија има само 0,2 отсто Македонци и 0,89 Грци (24.361 лице). Повеќе од 14 отсто од населението (393.979 лица) не се изјасниле за националната припадност, но навеле дека мајчин јазик им е албанскиот.

Ковачевски: Ние сме докажано мултикултурно општество

Во Македонија, пак, се прават подготовки уште повеќе да се унапредат правата на малцинствата и Бугарите да бидат внесени во Преамбулата на Уставот, заедно со уште неколку малцинства.

– Во моментот зборуваме за Бугарите, Хрватите, Црногорците, меѓутоа веќе и деловите од израелскиот народ изразија таква желба, Египќаните веќе доставија официјално барање. Ние сме мултикултурно, мултиконфесионално општество и сме докажани како такви во Европа. Практично, ние претставуваме општество што е Европа во мало, бидејќи Европа е заедница на различности и јас сметам дека не треба да има проблем во однос на тие уставни измени – вели премиерот Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот