Бугарија пркоси, Европа молчи

Изборите в недела се неизвесни, но конзервативците на премиерот Бојко Борисов ќе сторат сѐ за да ја задржат автократската власт склона кон корупција и да продолжат да ги блокираат преговорите на ЕУ и Северна Македонија

Изборната трка е неизвесна, ГЕРБ во изминатите недели ја зголеми предноста поради начинот на управувањето со пандемијата, но зголеменото незадоволство од режимот предизвика формирање на многу нови партии во минатата и во оваа година

Борисов непречено ја продолжува политиката што нема ништо заедничко со критериумите за членство во Унијата. Особено му е важно националистите од ВМРО да бидат во малата група од 30 партии и листи што би го преминале изборниот праг од 4 отсто за да продолжи со кампањата против Северна Македонија

Иако постојат начини како ЕУ да го притисне Борисов, Брисел реагира благо. Сѐ се сведува на повремени резолуции полни со критики, како што е случајот и со унгарскиот премиер Виктор Орбан или полскиот лидер Јарослав Качински

Земјата што колекцијата изборни измами ја дополни со изумот „бугарски воз“ в недела излегува на гласање во амбиент на уривање на правната држава, хроничен судир на двете големи партии, ендемска корупција, екстремен национализам и отворено саботирање на процесот на проширување на Европската Унија, од која добива милијарди евра.

Владејачката конзервативна партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на премиерот Бојко Борисов повеќе личи на картел отколку на политичка партија, а ќе стори сѐ за да ја зачува власта, која со месеци е цел на критики на десетици илјади демонстранти, но и на некои европски кругови.

Можат ли меѓусебно поделените опозициски социјалисти, со поддршка од претседателот Румен Радев, кој изјавува дека мафијата ги контролира владата и политизираното судство, да ја преземат власта од Борисов, кој по три мандати и цела деценија е доминантна фигура на националната политика?

Изборната трка е неизвесна, ГЕРБ во изминатите недели ја зголеми предноста поради начинот на управувањето со пандемијата, но зголеменото незадоволство од режимот предизвика формирање на многу нови партии во минатата и во оваа година. Телевизиската ѕвезда и пејач Слави Трифонов со својата антиелитистичка партија е трет според популарноста, пред Движењето за права и слободи, партијата што има поддршка од малцинствата.

Поранешниот соборец на премиерот, Цветан Цветанов, кој пред две години се повлече поради обвинувањата за корупција, со поддршка од американскиот милионер со бугарско потекло Павел Валнев ја основа партијата Републиканци за Бугарија. Двојката ја гледа политичката иднина во поблиски односи со САД, со целосна интеграција на Западен Балкан во ЕУ и борба против корупцијата.

На сцената е и Христо Иванов, министер за правда во вториот кабинет на Борисов пред да поднесе оставка во 2015 година. Тој е лидер на Демократска Бугарија, која се залага за сериозни институциски реформи, нуди програма на борба против корупцијата и отворено тврди дека фондовите од ЕУ се користат за финансирање на бугарската олигархиска мафија.

Кандидатите на Гашев

За тоа какво реноме изградила Софија за себе убедливо сведочи и Лаура Ковеси, главната обвинителка на ЕУ, која неодамна ги отфрли речиси сите кандидати што за работа во новиот состав на обвинителството на Европа ги предложи бугарскиот јавен обвинител Иван Гашев. Ковеси не можеше да верува дека се предложени кандидати без какво било искуство. Гашев беше убеден дека ги испраќа најдобрите и најучените.

Бугарија беше единствената чии кандидати беа одбиени. Во Софија би поминале. Неопходно е само да ѝ бидат послушни на власта, а како такви не би биле во состојба сериозно да се занимаваат со злоупотребите на фондовите од ЕУ – а такви измами, злоупотреби и лошо управување Бугарија ги има премногу.

На сцената повторно се создаде јаз, но не поради фактот дека Бугарија е најсиромашната членка, иако во периодот од 2014 до 2020 година од ЕУ прими стотици милијарди евра, туку во врска со вредностите што ги употребува во секојдневната политика. Многумина од оние што ги кандидираше Гашев би биле кандидати и на Ковеси, но заради истрага.

Ништо од ова нема да променат ни следните избори. На Гашев ќе му продолжи мандатот од седум години и тој повторно ќе решава кои ќе бидат новите кандидати. И ќе испрати порака: „Лаура, за криминалите поврзани со фондовите од ЕУ ве молам не ја повикувајте Бугарија. Ќе ви се јавиме штом можеме“.

Блокирани преговори

Резолуција на групацијата на народни партии во Европскиот парламент, на која ГЕРБ ѝ припаѓа иако прекршува многу нејзини вредности, укажува на длабоки и системски слабости, засилено непочитување на владеењето на правото и уривање на демократијата од страна на актуелната власт. Загрижен е и НАТО, зашто неговата членка преку мафијашки групи овозможува продор на руски разузнавачки служби. За да спречи влошување, Бугарија во изминатите 18 месеци протера шестмина руски дипломати, вклучувајќи го и воениот аташе.

На изборите има и многу нови предизборни лица, но Борисов верува дека ќе ја сочува коалицијата на неговата ГЕРБ, ВМРО и Движењето за права и слободи.

Европската Унија ѝ е лута на Бугарија зашто лани со вето го блокираше отворањето на пристапни договори со Северна Македонија и Албанија, но Софија продолжува да го подгрева конфликтот со Скопје, кој официјално се става во контекстот на јазикот, историјата и националниот идентитет.

Борисов непречено ја продолжува политиката што нема ништо заедничко со критериумите за членство во Унијата. Особено му е важно националистите од ВМРО да бидат во малата група од 30 партии и листи што би го преминале изборниот праг од 4 отсто за да продолжи со кампањата против Северна Македонија.

Бугарскиот лидер, наспроти многуте апели, пркосно продолжува да го опструира соседот на патот кон ЕУ. Закопани се амбициите на Брисел завршните месеци од минатата година да бидат искористени за преговори за проширување со Скопје и со Тирана.

Борисов како Орбан и Качински

Попусто европратеничката Тања Фајон порачува дека ветото од Софија е „неодговорно“ и дека треба да биде повлечено. Спорот не покажува знаци на стивнување, а на Борисов, со толерирање од ЕУ, му помогна да го поправи својот рејтинг по неколкумесечните демонстрации, кои се поклопија со откривањето на корупцискиот скандал во кој е замешан. Не се спроведени никакви реформи што беа очекувани во Брисел пред изборите. Кога би сакала, Европската комисија би можела да го активира членот 7 и да поведе прекршочна постапка поради лошо управување со фондовите од ЕУ, што би имало делумни санкции, дури и суспендирање на правото на глас во Унијата.

Но, иако постојат начини како ЕУ да го притисне Борисов, Брисел реагира благо. Сѐ се сведува на повремени резолуции полни со критики, како што е случајот и со унгарскиот премиер Виктор Орбан или полскиот лидер Јарослав Качински. Борисов успешно капитализира на добрите односи со канцеларката Ангела Меркел и нејзината конзервативна Христијанско-демократска унија, но и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

Бугарија никогаш не била санкционирана за „историскиот грев“ сторен за време на Втората светска војна. Би можеле во Брисел да се присетат на тоа, а не да ризикуваат да станат патрони на авторитарноста, криминалот, корупцијата и задушувањето медиуми. Европа прифати голем дел од одговорноста и од вината за се што се случува во Бугарија. Толерирањето на Борисов му овозможува агресивен и деструктивен став и во спорот со Северна Македонија.

А Бугарите? Колку е изјаснувањето на гласачите автентичен израз на нивното расположение кога повторно се очекува фалсификување на избирачките списоци, масовно купување гласови, изнудување на определбата на вработените во јавната администрација и во државните форми, промената на изборните протоколи и арбитрарно прогласување на неважечките гласови?

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот